Македонија
18. September 2019 - 10:18

Поддршка за поголема вклученост на граѓански организации и медиуми со проекти за ЕУ интеграција

Кралството Шведска преку проектот Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија обезбеди 520,000 евра за поддршка на граѓански организации и медиуми со цел да се поттикне нивното активно учество и вклученост во процесот на пристапување во ЕУ, за што е отворен јавен повик.

Тој има за цел да помогне во зголемување на инцијативите на граѓанските организации и медиумите да ги следат, да се залагаат и да учествуваат во активностите што се поврзани со спроведување на клучни реформи поврзани со процесот на пристапување во ЕУ, обезбедување на добра законодавна рамка и развој на одржливи политики кои ќе бидат од корист на граѓаните.

-Регистрираните граѓански организации и медиуми имаат можност да аплицираат за грантови до 33.000 евра во рамките на делот на повикот кој е наменет за поддршка на граѓански организации и грантови до 80.000  евра во рамките на делот што е наменет за поддршка на медиуми. Предлог проектите треба да бидат со период на имплементација од осум до дванаесет месеци и да се достават до 30 октомври. Деталните критериуми и потребната документација за пријавување може да се најдат на веб страната на проектот nordiskapoddrska.org.mk, се вели во соопштението од Канцеларијата на UNOPS во Скопје.

За сите заинтересирани организации ќе се организираат три информативни сесии за презентирање на повикот, споделување на дополнителни информации и појаснување на одредени прашања за повикот во Тетово на 19 септември во хотел Меркур, во Битола на 24 септември во хотел Епинал и во Скопје на 27 септември во хотел Бест Вестерн, сите со почеток во 12 часот.