Македонија
30. March 2017 - 11:39

Поддршка за Македонија и ВМРО-ДПМНЕ на конгресот на ЕПП во Малта

На конгресот на Европската народна партија во Малта на кој се дискутираше за предизвиците на Балканот и негова брза интеграција во Европската Унија е изразена поддршка од сестринските партии за Македонија и за ВМРО-ДПМНЕ, која ја претставува делегација предводeна од претседателот на партијата Никола Груевски.

Во име на Европската народна партија се обрати и словенечкиот политички лидер Јанез Јанша кој даде поддршка на Македонија и ВМРО-ДПМНЕ. Јанша изјави дека Европската народна партија секогаш ќе продолжи со поддршка на сестринските партии и  оти е недозволиво примена на селективна правда и финансирање нестабилност со соросови пари како што е случајот во Македонија.

- Како семејство на Европски народни партии секогаш ќе продолжиме да ги поддржуваме нашите сестрински партии во Европа и непомагајќи им на левичарите да ги уништуваат некогаш со селективна правда, со парите на СОРОС ризикувајќи ја стабилноста во целиот регион како што тоа сега се случува во Македонија,  рекол Јанша пред европските лидери и раководството на Европската народна партија.

Меѓу усвоените резолуции на когресот во Малта е и „Европа ја обезбедува иднината” во кој е вклучен и Западен Балкан. Во таа резулуција,  информираат од ВМРО-ДПМНЕ, изрично стои дека државите од Западен Балкан во кој спаѓа и Македонија мора да бидат интегрирани во Европската Унија.

- Скорешната историја ни дава посебна одговорност за Западен Балкан. Единствено интеграција во ЕУ може да обезбеди сигурност од конфликтност и дезинтеграција, стои во резолуцијата  и се додава дека целосно членство во Европската унија не значи само партнерство туку и градење други форми на соработка од сестран карактер со кои ќе се зацврсти и самата унија.

Исто така, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ, се носи и резолуција во која се критикува и осудува руското мешање во европските држави преку пропаганда, дезинформирање, вклучувајќи медиуми, дипломатија, бизнис секторот. Во резолуцијата се вели дека Европската народна партија е за добрососедска политика вклучително и Русија, но нема да се дозволи руско мешање во политиките на Европската унија.

Присуството на ВМРО-ДПМНЕ на конгресот, според Груевски, е важно за лобирање за стратешките интереси на Македонија и за актуелната политичка ситуација. Во Малта Груевски се сретна со унгарскиот премиер Виктор Орбан, Јанез Јанша од Словенија, домаќинот на Конгресот и самитот на ЕПП на Малта,  претседателот на Националната партија на Малта Симон Бустил, федералниот министер за земјоделство на Сојузна Република Германија и секретар за финансии на ЕПП Кристијан Шмид , Елмар Брок од Германија и други политичари и влијателни луѓе од политичкиот естаблишмент на европско ниво.

- Се обидуваме секаде каде можеме да лобираме за Република Македонија и за државните и национални интереси. Многу е значајно кога ќе им се каже од прва рака на присутните она што е важно за Република Македонија и за нејзината иднина, напредок, евроатланските интеграции и интереси. Истовремено информираме за се она што се случи во Република Македонија на политички план и се она со што народот, граѓаните на Република Македонија се соочуваат во овој период. Има луѓе кои не се запознати со случувањата и потребно е некој да ги информира и објасни, изјави Груевски.