Балкан
17. January 2021 - 15:46

Поддршка за актерката Радуловиќ по апсењето на професорот по глума Алексиќ

– По веста дека познатиот сопственик на белградската школа за глума, Мирослав Мика Алексиќ, е приведен во полиција под обвинение на актерката Милена Радуловиќ за силување и сексуално злоставување, во Србија со осуда и сведочења се јавија повеќе јавни личности, меѓу кои и актерката Хана Селимовиќ, која на Фејсбук изјави дека исто така влече трауми од периодот кога била тинејџерка во групата на Алексиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

– Не го доживеав нејзиното сценарио. Значи, не бев сексуално злоупотребувана. Но, од таму јас не излегов без траума. И тоа серизозни, истакна Селимовиќ.

Водителката Миња Милетиќ која исто била ученик на Алексиќ се огласи по повод ужасната исповед на актерката Милена Радуловиќ, која откри дека професрот по глума Мика Алексиќ ја силувал кога имала 17 години.

– Секој чест на храброста на Милена Радуловиќ. Како дете и јас учев во школата за глума на Мика Алексиќ, но само неколку месеци и кога го прочитав сето ова, се потресов, истакна Милетиќ.

Актерот Тихомир Тика Станиќ го оцени скандалот како „нешто што не може да се опише со зборови“. На социјалните мрежи, поединци се прашуваа зошто актерката досега не зборувала, што нејзиниот постар колега го осуди и рече дека секое такво прашање е „ново кривично дело“.

– Би зборувал за Милена, ја познавам, таа е прекрасна личност и актерка, прекрасен човек Јас длабоко сочувствувам со она што и се случи. Се восхитувам за начинот на кој тоа го објави, го коментирав синоќа со моите ќерки, и благодарам на Милена, заради нашите деца, сите наши деца и затоа што ваков случај, особено што се однесува на јавна личност, може да биде клучен во заштитата на сите потенцијални жртви во иднина, кажа Станиќ.

Основач на фондацијата „Тијана Јуриќ“, Игор Јуриќ, изјави деака во кариерата на Алексиќ имало многу такви жртви.

– Тоа е јавна тајна. Тешко е да се излезе во јавноста со такви информации кога станува збор за човек која е признат како личност, а такви ги има многу во Србија и треба да ги ставиме таму каде што припаѓаат. Се надеваме дека жртвите ќе бидат охрабрени и ќе проговараат и за други лица на високи позиции, додаде тој.

Мирослав Мика Алексиќ, познат сопственик на школата за глума, синоќа беше приведен во полициска станица, откако повеќе девојки го пријавиле за силување или сексуално вознемирување.

Актерката Милена Радуловиќ за медиумите изјави дека Алексиќ ја силувал кога била малолетна и да тоа се случило неколку пати.

Радуловиќ, заедно со уште неколку девојки, од кои некои се малолетнички, го пријавиле Алексиќ за силување и сексуално вознемирување.

Таа кажа дека Мика Алексиќ првпат ја силувала  на почетокот на ноември 2012 година, кога имала 17 години, а тој 61 година.

Милена Радуловиќ изјави се надева дека и други јавни личности, актерки, ќе се огласат по нејзината приказна и да нема да чувствуваат страв од осуда или влијание врз репутацијата.

Мирослав Мика Алексиќ е филмски режисер, продуцент, актер и познат педагог, низ чија работилница имаат поминато повеќе од 3.000 млади луѓе.