Бизнис
24. July 2017 - 14:32

Поддршка со низа мерки од септември за мали и средни претпријатија од ИКТ, најавува Владата

Мали и средни претпријатија кои ќе сакаат да инвестираат во ИК технологија од септември со повеќе мерки ќе добијат поддршка од Владата. Поддршката ќе биде подеднаква и за домашните и за странските инвеститори, а фокусот ќе биде на ИКТ компаниите преку кои ќе се работи на задржување на младите во Македонија.

Ова го најави министерот за информатичка технологија и администрација Дамјан Манчевски при денешната промоција на нова инвестиција во InPlauyer, македонско-британска компанија  која работи во Македонија и има развиено своја платформа за монетизација и им помага на многу светски компании во монетизирање на нивните дигитални содржини. Инвестицијата е во вредност од 500 илјади фунти од регионалниот инвестициски фонд South Central Ventures (SCV).

- Mакедонија поседува многу добар кадар за ИКТ индустриите, но за жал голем дел од овој кадар се иселува. Sо голем број од мерките што ќе ги преземеме ќе се обидеме оние кои студираат пред се на ИКТ факултетите да ги задржиме тука и со тоа да ја зголемиме и просечната плата во државата затоа што платите во овој сектор генерално се повисоки отколку нашиот просек, рече министерот Манчевски.

Појасни дека она што новата Влада ќе сака да го направи со почетокот на следната година е да се почне со работа на еден вид технолошки парк во кој ИКТ компаниите заедно со државата ќе добијат подобри услови за работа, но во исто време ќе добијат и задача заедно со државата да инвестираат во центар за истражување и развој.

- Сето ова ќе биде проследено и со дополнителни мерки со кои ќе се обидеме да ги мотивираме младите луѓе во Македонија се повеќе да се образуваат и преквалификуваат и студираат во некои од ИКТ факултетите, истакна Манчевски.

Тој додаде дека особено ќе биде важна и поддршката на приватниот сектор и имајќи ја предвид и веќе најавената „младинска гаранција“ која ќе почне да фукционира од есен каде на секој млад човек кој ќе го заврши своето образование државата ќе му гарантира некаков вид  ангажман.

Според него во овој дел особено се важни ИКТ компаниите кои со своето работење и можности за преквалификации на одредени кадри ќе им дава можност на младите да најдат пристојна работа и да останат во Македонија.

Посочи дека за реализација на овој проект има изразено подготовеност и интерес и од ИКТ индустријата во Македонија. Користа, смета, ќе биде заемна затоа што компаниите ќе може да користат одредена инфраструктура обезбедена од страна на државата, а заедно со државата ќе работиме на развој на нови технологии за потоа да донесеме инвестиции во овие компании.

Појасни дека станува збор за еден врзан ланец, процес како што InPlayer успеал во тоа, да сe успее и со други компании во Македонија.

Извршниот директор на InPlayer  Џорџ Мик посочи дека тие ќе имаат можност да привлечат одлични таленти од Македонија во нивната фирма, која веќе брои 35 вработени, а со новата инвестиција ќе го зголемат тимот на 50 до крајот на 2017 година и дополнителни 50 во текот на наредната година. 

 

Ова е трета компанија во Македонија која добива финансиска поддршка од SCV и е најголема досега во земјава.

Според Ивана Станковиќ, инвестицијата од овој Фонд ќе придонесе да ја поддржат во натамошниот нивен раст и зголемување на нивното портфолио на клиенти.

СЦВ е фонд за ризичен капитал кој располага со 40 милиони евра за инвестирање во иновативни компании од Балканот кои развиваат технолошки решенија со голем потенцијал за раст.

Новата инвестиција, како што беше најавено, ќе придонесе да се зголеми бројот на вработени во оваа компанија од 35 на 50 до крајот на оваа година.