Поддршка од САД за договорот од Преспа, Грците се убедени дека Договорот е во полза на Македонија /
Договорот од Преспа најде посебно место на средбата на алтернативниот шеф на грчката дипломатија Јоргос Катругалос со неговиот домаќин државинот секретар на САД, Мајк Помпео.
Постигнатата спогодба е оценета како историска, која ќе помогне во остварување на македонските евро-атлантски интеграции и ќе се спротивстави на руското влијание во регионот.
,,Во јуни беше потпишан договорот кој ќе има позитивно економско влијание и ќе и помогне на Грција да стане „Врата на Балканот. Тој договор ќе му помогне на вашиот сосед да се присоедини кон НАТО и ЕУ како Република Северна Македонија, како и да го зајакне Балканот против штетното руско влијани‘‘, изјави Помпео.
Катругалос, пак вели дека со спогодбата се заштитува националниот интерес, но се зајакнува и регионалната стабилност.
,,Затоа го постигнавме договорот од Преспа, од кој користи имаме ние и нашиот северен сосед. Од истите причини ќе продолжиме и со други бројни регионални, мултилатерални и трилатерални иницијативи во Медитеранот, кои ќе го зајакнат регионалниот систем на стабилност‘‘.
Катругалос ја повтори решеноста на Владата на Ципрас да го спроведе Договорот, а уверен во успех е и американскиот државен секретар.
Македонската влада пак го повикува министерот Каменос, кој се закани дека ќе излезе од владата на Ципрас, да му даде шанса на договорот бидејќи бенефитите од неговата имплементација ќе се видат веднаш, по неколку месеци.
И грчката опозициска партија Река, на синоќешниот состанок му даде поддршка на договорот од Преспа. Лидерот Теодоракис сепак додава дека ги очекува финалните формулации. Засега двајца пратеници од неговата партија се изјаснија дека ќе гласаат против договорот.
Во меѓувреме, големото мнозинство Грци и натаму се противат на спогодбата. Во последната анкета на порталот Реал, дури 70 отсто од Грците сметаат дека Договорот од Преспа е во корист на македонските интереси. Половината од анкетираните сметаат дека тој ќе помине и во грчкиот Парламент.