Бизнис
15. March 2017 - 17:10

Поддршка од нотарите за иницијативата на работодавачите за законските измени

Нотарите и извршителите ја поддржуваат иницијативата на работодавачите за измени на законите за нотаријат и за извршување со кои компаниите се обврзани да ангажираат адвокати во правните постапки.

На денешната заедничка средба уште еднаш беше нагласено дека со овие закони кои стапија во сила од почетокот на годинава, услугите се поскапени, постапките искомплицирани, а правниците во фирмите обесправени, потценети и сведени на обични писари. Нивните работни места се уште не се доведени во прашање, но и тоа не е исклучено дека може да се случи.

- Правниците во компаниите со вака конципираните закони се неправично исфрлени, обесправени, се третираат како да немаат врска со правото. Меѓу нив има и доктори на науки. Срамота е да не им се дозволува да направат предлог за извршување или некој договор за купопродажба, а имаат толку години искуство. Ова е исто како да донесете закон со кој ви се забранува да го користите сопственото возило и ви се наложува да земате такси, изјави претседателот на Организацијата на работодавачи (ОРМ) Ангел Димитров по средбата.

Нелогично е, додаде, и тоа што правниците застапуваат сложени предмети на суд, а не може да настапуваат во обична постапка за солемнизација на некој договор.

Димитров ги квалификува актуелните решенија за нотаријат и извршување како социјалистички зашто овозможуваат, рече, како порано, на една професија, во случајов адвокатурата, да и се дава работа со закон.

- И адвокатите се свесни дека законите не даваат резултати. Меѓу себе се обвинуваат што некои работат по пониска тарифа, само за удирање печат. Некои компании имаат големи правни служби и прават по 20 - 30 договори дневно. Сега, за сите ќе треба да ангажираат адвокат. Затоа се случува да има бланко договори веќе потпишани од адвокат или адвокатите да бараат поевтина тарифа само за удирање печат, истакна претседателот на ОРМ.

Оценка на Олга Димовска од Нотарската комора е дека работодавачите точно ги детектирале проблемите. - Почна примената на законите и на површина излегоа недоследностите. Иако се трудиме и го почитуваме Законот, компаниите имаат проблем, услугите се поскапени и што е најважно, искомплицирани се постапките, се одолговлекуваат, предочи Димовска.

Таа не се согласи дека нотарите се некомпетентни и неспособни за надлежностите кои им се дадени, како што рече вчера претседателот на Адвокатската комора Додевски. - Постоењето на нотарите го олесни правниот систем,а надлежностите им се доверуваа постепено, со текот на годините, посочи Димовска.

Во врска со обвинувањата на Адвокатската комора дека некои нотари наводно нудат пакет-услуги со адвокатски печати, потенцира дека ако навистина такви случаи има, треба да се санкционираат зашто се противзаконски и Нотарската комора не ги поддржува.

Од аспект на извршителите, законите за нотаријат и извршување се добри, но одредбите на кои укажуваат рабодоавачите можеби треба да се разгледаат.