Македонија
15. February 2018 - 15:50

Поддршка од ММФ за СОС Детско село Македонија

Високиот претставник на Меѓународниот монетарен фонд, Тао Жанг денеска го посети СОС Детско село-Македонија и притоа ја додели донацијата од 10.000 долари за поддршка на хуманитарната мисија на оваа згрижувачка институција.

Тој се сретна со претседателката на Управниот одбор на СОС Детско село Македонија, Зорица Серафимовска-Арсовска и директорката на програми на СОС Детско село, Александра Ивановски.

Серафимовска-Арсовска ги презентираше програмите и проектите кои СОС Детско село ги реализира, притоа потенцирајќи ги можностите за соработка и развој.

Ивановски, пак, ја потенцираше опсежноста на работењето и функционирањето на СОС Детското село, фокусирајќи се на програмата за поддршка на згрижувачки семејства и развој на деца и потребата од континуирана поддршка, како од корпоративниот сектор, јавните институции, но и од меѓународните организации присутни во земјава.

Делегацијата на ММФ посети и една од семејните куќи во рамките на СОС Детско село, при што можеше одблизу да се запознае со функционирањето на згрижувачките семејства и секојдневниот живот на децата кои се под закрила на оваа организација.