Македонија
14. November 2017 - 14:10

Поддршка од Институтот за јазик од Сараево за унапредување на образованието на босански јазик


Институтот за јазик од Универзитетот во Сараево е отворен за стручна поддршка на говорителите на босански јазик и за унапредување на наставата на припадниците на таа етничка заедница во Македонија.  Тоа се совпаѓа со долгорочниот проект што овој институт го почнал во 2010 година - стручно да им помага на говорителите од регионот и во Европа на кои босанскиот  им е мајчин јазик.

Директорот на Инстутутот Ален Калајџија на денешната трибина за босанскиот јазик која ја организираше Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ рече дека соработката треба да биде континуирана и во иднина би можела да резултира со изработка на учебници, македонско-босански речник и реципрочно отворање лекторати на универзитетите во Скопје и Сараево. Во рамки на трибината се одржа и семинар за стручно усовршување на наставниците кои предаваат босански јазик во Македонија. 

- Сакаме да и дадеме полна поддршка на босанската јазична заедница што живее во Македонија за тие да успеат да го зачуваат својот мајчин јазик што е предуслов за зачувување на сопствениот културен идентитет, рече Калајџија.

На трибината тој нагласи дека и за нив е важно босанскиот подобро да го позиционираат во регионот за овој јазик институционално подобро да се позиционира и во матичната земја, Босна и Херцеговина, каде поради специфичното општествено-политичко уредување и постоењето на три официјални јазици (босански, хрватски и српски) институтот дејствува на ниво на кантонот Сараево, а не на државно ниво.

- Институтот за јазик формално-правно дејствува на ниво на кантонот Сараево. Може да замислите во какви околности работиме кога знаеме дека сме државотворно важни, но структурно сме позиционирани на ниво на кантон. Тоа е така затоа што ентитетите и кантоните во БиХ имаат ингеренции во образованието, рече Калајџија. Нагласи и дека босанскиот е исто стар колку и другите словенски и јужнословенски јазици и, рече, не е јазик од 1991, не е од османскиот, авструнгарскиот или од  југословенскиот период. 

Ален Калајџија

Директорката на Институтот за македонски јазик Елена Јованова-Грујовска на отворањето на трибината рече дека по дваесетина години прекин во соработката, им се случува за два месеца да имаат втора средба со нивните колеги од Сараево.

- Оваа година почнавме подготовки и за прва македонско-босанска конференција и верувам дека во 2018 ќе резултира со зборник трудови, рече Јованова-Грујовска задоволна што трибината се совпаѓа и со денешното збратимување на Скопје и Сараево. 

Директорот на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на етничките заедници на Република Македонија Милутин Станчиќ на отворањето на трибината рече дека во Македонија е доследна примената на Уставот и законите во делот на образованието на Бошњаците.

- Овде, во име на Бошњаците, можам да искажам благодарност за заложбите на премиерот и ветувањето да се спроведе редовна настава на босански од идната учебна година, рече Станчиќ.