Бизнис
15. January 2016 - 16:08

Поддршка од ЕБОР за компанијата „Брако“

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ќе и додели два милиони евра кредит на македонската компанија „Брако“ за инвестиции во нова енергетски ефикасна и современа опрема запроизводство на жичани производи и за преработка на метал.

Претставничката на ЕБОР во Македонија, Анка Јоана Јонеску изрази надеж дека финансирањето на овој проект ќе и помогне на компанијата да го зајакне портфолиото на производи и извозот на странските пазари.

- Ни претставува задоволство да го поддржиме „Брако“, еден од водечките производители на жичени и метални производи на Западен Балкан. Континуираната имплементација на нови современи технологии достапни на пазарот, на енергетски ефикасен начин, претставува важен составен дел за конкурентен и успешен бизнис, изјави Јонеску.

Претседателот на Бордот на директори на „Брако“, Кочо Анѓушев посочи дека благодарение на ЕБОР ќе ги реализираат поставените цели на компанијата. 

- Посветени сме на постојано проширување на нашите производствени капацитети преку набавка на нова и поефикасна опрема. Сакаме да го подобриме квалитетот на нашите производи, да ги намалиме оперативните трошоци и да го зголемиме производниот капацитет со цел да го задоволиме растот на побарувачката, истакна Анѓушев. 

ЕБОР започна да инвестира во македонската економија во 1993 година и до денес има финансирано во 99 проекти со нето кумулативен обем од над 1,6 милијарди евра.

Компанијата „Брако“ се наоѓа во Велес и се занимава со производство на жичани производи, обработка на метални производи н инженерство. Во изминатата деценија инвестираше во развој на нова производствена програма, воведувајќи производи со висока додадена вредност, како што се медицински помагала и мебел, метални додатоци, програма на транспортни ленти, телекомуникациска опрема и опрема за хидроцентрали.