Македонија
25. April 2018 - 15:24

Поддршка на туризмот во Југоисточниот регион

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски денеска беше во работна посета на Југоисточниот регион и оствари средбата со градоначалниците на општините Гевгелија и Дојран, Сашо Поцков и Анго Ангов.

На средбата, како што соопшти АППТ, се дискутираше за преземање заеднички активности за уште поуспешна туристичка сезона во 2018 година. 

Јаневски информира дека АППТ повторно ќе ја разгледа можноста за почнување на проектот Е-75 кој има за цел задржување на транзитните патници кои ја поминуваат оваа меѓународна трансферзала, како и дека безрезервно го поддржува Д-фестивалот.

- Дојран како туристичка дестинација заслужува поголема поддршка во сегментот на зголемување на туристичката сезона, но неопходна е и поголема дисциплина во плаќањето туристичка такса. Оваа сезона е во очекување на звучни имиња од музичката индустрија кои ќе настапат на Д-фестивалот, а АППТ без заддршка дава поддршка на овој фестивал, кој продолжува како концертна традиција и промоција на Дојран како традиционална дестинација, истакна директорот.

Во текот на дискусијата со градоначалникот Сашо Поцков се отвори и можност за формирање одделение за развој на туризмот во општина Гевгелија, со акцент на развој на здравствениот туризам, а во контекст на поголема промоција на регионот, двете општини изразија волја за учество на регионалните саеми за туризам.

За време на посетата на Југоисточниот регион, Јаневски присуствуваше и на 10. јубилејна Туристичко-гастрономска изложба на алтернативни форми за развој на туризмот во Гевгелија, организирана од Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев” од Штип. 

Според АППТ, изминатиот период Југоисточниот регионот успеа да го привлече вниманието на туристите преку презентација на чистата и здрава околина во која има езера, планини, водопади, термални води, етно-села, манастири, но и локални манифестации, традиционална храна и гостопримливи домаќини. Ова е потврдено со статистичките податоци кои покажуваат континуитет во растот на домашните и странските туристи, но и во бројот на остварени ноќевања.