Македонија
1. January 2017 - 14:00

Подароци за првороденото бебе годинава во Скопје

Министрите за здравство и за труд и социјална политика Никола Тодоров и Ибрахим Ибрахими и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски денеска го посетија првото родено бебе во Скопје во 2017 година.

Првото бебе е машко, родено во 04:15 часот во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир. Тешко е 3 килограми и 400 грама и долго 53 сантиметри. Тоа е првородено дете на мајката Нуредини Рамадан Хикмет (1991). 

Министерот Тодоров на сите граѓани на Република Македонија им ја честита Новата 2017 година и им посака многу здравје, успех и среќа. Посака добро здравје и за бебето и неговото семејство.

Тодоров им се заблагодари на здравствените работници од болницата и на дежурниот тим, како и на сите здравствени работници во Македонија за нивната посветеност и пожртвуваност и во текот на новогодишната ноќ.

- Кога сите луѓе слават, се радуваат и се со своите семејства, некои од здравствените работници ја извршуваат својата должност и се на своите работни места и се тука за сите пациенти во Република Македонија, рече Тодоров, кој на бебето му подари пригодни подароци. 

Министерот Ибрахими на сите граѓани им посака здравје, среќа и бериќет. 

- Министерството за труд и социјална политика, покрај оној паричен надомест кој следува за првородено дете, ќе им подари и златник, кој секоја година го доделуваме. На семејството му посакувам детето да расте безгрижно и да има среќно детство, рече Ибрахими. 

Градоначалникот Трајановски им ја честиташе Новата 2017 година на сите скопјани, на целиот персонал од болницата, а на семејството Рамадан му ја честиташе приновата.  На бебето му подари штедна книшка со 20.000 денари. 

Директорот на Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир Башким Исмаили изрази задоволство што првото бебе е родено во нивната болница. 

- И мајката и бебето се во добра општа состојба. Лани ја завршивме годината многу успешно, со ниска стапка на компликации. Се надевам дека оваа година ќе бидеме уште поуспешни, рече Исмаили. Додаде дека во нивната болница се родиле уште четири бебиња. 

Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир денеска ја посетил и министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, кој на мајката и го честитал новороденото машко бебе и доделил пригодни подароци.

Одговарајќи на новинарско прашање, Тодоров нагласи дека новогодишната ноќ помина релативно мирно од здравствен аспект, со определен број интервенции во сите делови на државата кои не отстапуваат од нормалниот број и тип. 

- Како и секоја година, за жал, има интервенции кои се резултат на повреди од петарди. Тоа се провлекува секоја година и затоа апелираме внимателно ракување или избегнување на ракување со пиротехнички средства зашто многу често доаѓа до несакани последици, рече Тодоров. Додаде дека има и повеќе интервенции од тимовите за итна медицинска помош, а во Тетовската болница направени се и неколку коронографии како резултат на проблеми со срцето.  

Тој информира дека првото бебе во Македонија за годинава е женско, родено во 00:12 часот во Битола.