Македонија
1. August 2017 - 9:34

Почнуваат 50. Научно-културни средби „10 дена Крушевска Република“

Со свечена поворка пред столбот на Крушевската Република во центарот на Крушево и со полагање свежо цвеќе пред спомениците на великаните на Крушевската Република, вечер од 18 часот по 50-ти јубилеен пат во Крушево ќе почнат научно-културните средби „10 дена Крушевска Република“.

Отворањето на самата манифестација ќе биде на платото на Гумење во 20.30 часот, со свечено подигање на бајракот на Крушевската Република и богата културно-уметничка програма. 

Претседателот на манифестацијата и градоначалник на Крушево Ѓорѓи Дамчески по повод јубилејот на прес-конференција рече дека научно-културните средби „10 дена Крушевска Република“ пет децении ја исполнуваат целта за достојно одбележување на Илинденското востание и Крушевската Република.

- Манифестацијата ќе трае десет дена, до 10 август, и опфаќа околу 20 културни настани. Аманетот на Илинденците и жртвите дадени за самостојна и независна Република Македонија нас и следните генерации не обврзуваат да ја чуваме идејата за сопствена самобитност и суштествување. Низ сите овие 50 години постоење, манифестацијата организирала повеќе од 1000 културни настани, десетина научно-историски трибини што се објавени во 11 тома „Прилози за Илинден“, рече Дамчески.

Централната манифестација по повод Илинден и 114-годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република ќе биде утре, 2 Август - Денот на Републиката,  на Мечкин Камен во 12 часот кога ќе се обрати претседателот на собранието Талат Џафери.

Во деновите до 10 август манифестацијата ќе понуди научни трибини, театарски претстави, настап на културно-уметнички друштва. Затворањето на научно-културните средби „10 дена Крушевска Република“ ќе биде со концерт на Воениот оркестар и со церемонија на спуштање на бајракот на Крушевската Република и почесна стрелба за хероите од Илинден 1903. 

 На 3 август ќе се одржи научната трибина на тема „Илинден, слобода, државност и независност“ на која со свои научни прилози ќе учествуваат 10-ина еминентни историчари. На симпозиумот ќе биде промовирана книгата „Последниот илинденец“ од Иван Глигоровски. Во подготовка е и монографија за манифестацијата која ќе ги опфати сите настани во 50-те години одржување на научно-културните средби „10 дена Крушевска Република“.