Македонија
10. јуни 2016 - 8:31

Почнува театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“

Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп вечерва со претставата „Име“ во режија на Ненни Демлестре на Театарот „Комедија“ и со традиционалното врачување на наградите за животно дело  ќе почне 51. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Во текот на осумте фестивалски дена ќе биде понудена богата програма. Освен 12 претстави во официјална конкуренција, има и 10-тина претстави во придружната програма. Ќе бидат организирани и изложби и промоции на драмски текстови што се наградени од Министерството за култура, како и полноќни претстави за сите генерации.

Годинашни добитници на наградите за животно дело се театарскиот критичар Лилјана Мазова и актерите Илијаме Билјали од Албанскиот театар и Сабина Ајрула од Драмскиот театар од Скопје.

Во чест на наградените идниот петок Македонската опера и балет за првпат на фестивалот ќе ја изведе операта „Кармина Бурана“.

Во конкуренција за награди се претставите: „Животот е прекрасен“ на МНТ од Скопје, „Јов“ на Драмски театар, „Старицата од Калкута“ на Велешкиот театар, „Аресеник“ на Албанскиот театар, потоа претставата „Прометеј“ на Турскиот театар, „Суд“ на театарот од Штип, „Кралски игри“ на Битолскиот театар, „Ни ќар, ни зијан“ на Струмичкиот театар, претставата „Ревизор“ на Театарот од Куманово, „Парламентарки“ на Охридскиот театар, „Ајнштајновите соништа“ на Прилепскиот народен театар.

Во составот на фестивалското жири се драмскиот писател Васе Манчев, драмскиот уметник Владо Јовановски и режисерот Јани Бојаџи.

Покровители на фестивалот се Министерството за култура и градот Прилеп.