Македонија
5. October 2016 - 8:38

Почнува првиот „Киненова Филм Фест Скопје“

Со проекцијата на бугарскиот филм „Слава“ од 2016 година, во режија на Петар Валчанов и Кристина Грозева, вечер во кино Култура почнува првиот Меѓународен филмски фестивал „Киненова Филм Фест Скопје“, во чиј фокус е творештвото на филмски автори од целиот свет, кои се на почетокот на кариерата.

Фестивалот ќе се одржува до 9 октомври годинава  во Скопје на две локации, во кино Култура и Кинотека на Македонија.

Идејата за формирање на „Киненова 2016“ доаѓа од режисерот, сценарист и продуцент Небојша Јовановиќ, кој е и директор на фестивалот. Целта на фестивалот е да открие нови авторски имиња кои надоаѓаат во светот на филмот и да им даде јасна поддршка и поттик, но и простор каде тие ќе ги претставуваат и афирмираат нивните филмски дебитантски дела.

На „Киненова Филм Фест Скопје“ има две натпреварувачки програми: главна програма (официјална селекција) и официјална селекција на кратки филмови. Во главната програма на фестивалот,  освен „Слава“ ќе бидат прикажани и филмовите „Длабочини 2“, „Фаќање“, „Прекин“, „Два лоза“, „Бафало“, „Џонатан“... Во ревијалниот дел на фестивалот се предвидени Панорама на светски филм, Балкански преглед и Прв и последен филм на истакнат филмски автор, каде ќе бидат прикажани филмови од Корнелиу Порумбоју од Романија. 

На фестивалот ќе бидат доделени неколку награди-награда за најдобар долгометражен филм, за најдобра режија, за најдобро сценарио. За нив ќе одлучи стручно жири составено од Разван Радулеску, Мира Фурлан, Галина Тонева, Мето Јовановски и Марио Мацарото. Тие ќе доделат и награда за најдобар краткометражен филм.

Публиката ќе додели награда за најдобар филм според публиката на фестивалот од Главната програма. 

Во рамки на фестивалот ќе се одржат филмска работилница и мастер клас.