Балкан
28. September 2015 - 15:11

Почнува првата проценка на новиот договор меѓу Грција и кредиторите

Техничкиот тим кој ќе ја изврши првата проценка на грчката економија во рамките на договорот за кредит ќе пристигне во Атина кон крајот на оваа недела.

Завршувањето на проценката е поврзано со исплатата на траншата од две плус една милијарди евра и договорот за порамнување на долгот.

Првите експерти кои ќе дојдат, се очекува да се фокусираат на фискални и банкарски прашања. Следните ќе се занимаваат со енергетски прашања и јавна администрација.

Според некои извори, првата фаза од проценката ќе заврши до 15 октомври и ќе биде околу тоа дали и до кој степен се исполнуваат одредбите од договор со кредиторите.

Втората фаза на евалуација ќе почне по 15 октомври и ќе се фокусира на буџетот за 2016 година, новата среднорочна рамка, системот за социјална заштита, новите мерки за оданочување и друго.

Претставниците на меѓународните институции се очекува да пристигнат во Атина по средбата на Еврогрупата на 5 октомври и ќе се вратат во ноември кога ќе бидат готови заклучоците од првата проценка.