Македонија
9. July 2018 - 15:53

Почнува одбележувањето на Павловден – празникот на Виница

Со повеќе настани од областа на културата од вечер во Виница почнува програмата за одбележување на Павловден – празникот на општината, што заеднички ќе ја реализираат локалната самоуправа и Домот на културата „Тошо Арсов“.

На прес-конференцијата што се одржа по повод празникот беше истакнато дека од годинава наместо во еден ден, содржините ќе се реализираат во текот на целата недела, а граѓаните ќе имаат и поголем избор на културни содржини.

- На свеченото отворање ќе гостува македонскиот брас квартет со класични дела од светски познати автори, а во вторник џез концерт ќе одржи Филип Динев трио. Освен тоа ќе има театарска претстава за деца, како и промоција на книгата „Архаизми од виничко-оризарскиот крај“ од нашиот сограѓанин Ангел Богатиновски, а на самиот празник целовечерен концерт ќе одржи етно-составот „Љубојна“, истакна Јовица Илиевски, директор на Домот на културата „Тошо Арсов“ од Виница.

Во рамки на програмата за Павловден, на 12 јули ќе има и проекција на македонскиот филм „Исцелител“, а следниот ден во соработка со градскиот музеј „Теракота“ ќе биде отворена изложба на копаничарски дела под наслов „Моменти од сонот“ на авторот Блаже Јанакиевски од виничкото село Блатец.

По повод празникот, на свечена седница на Советот на општината ќе им бидат доделени награди и признанија на најдобрите ученици од основните и од средното училиште.

Годинава за организирање на содржините за одбележување на Павловден, Општина Виница од својот буџет издвои околу 250 илјади денари, а во план е во настаните од културата да продолжат во текот на летото.