Македонија
29. October 2015 - 8:48

Почнува манифестацијата „Денови на корејската култура во Скопје“

Граѓаните на Македонија првпат ќе имаат можност да уживаат во корејската музика, кинематографија и фотографија за време на „Деновите на корејската култура во Скопје“, организирани од Амбасадата на Република Кореја во Бугарија.

Манифестацијата ќе почне вечер во Македонскиот народен театар со концерт „Музика и ритми од Кореја“ на кој познатиот ансамбл „Булсечул“ и популарните „Нанта“ ќе изведат несекојдневно шоу со традиционална корејска музика. Музиката што ја создава овој осумчлен ансамбл доаѓа од најантичката религија на полуостровот – шаманизмот, како и од корејската народна музика, а „Булсечул“ ја надоградува на уникатен начин - давајќи и нов и модерен звук. Ќе бидат изведени и традиционални танци, меѓу кои и танц кој е прогласен за културно наследство и корејски танц на маски.

Корејскиот амбасадор Шин Менг-хо вчера на прес-конференција ја соопшти програмата, која по вечерашниот концерт ќе продолжи утре и задутре со прикажување на некои од најпопуларните корејски филмови. На 30-ти и 31 октомври во Кинотеката на Македонија под наслов „Корејска филмска одисеја“ македонската јавност ќе може да ги види филмовите: „Ода за татко ми“ „Маскенбал“, „Монструмот“, „Тајно, величествено“, „Кралскиот кројач“.

- Ова е прво претставување на корејската култура пред македонскиот народ досега, па мислевме дека традиционална тема е најсоодветна за овој настан. Во име на тоа, првиот дел од програмата ќе се состои од корејска традиционална музика, на моменти и комбинирана со танц. Мислам дека Булсечул и Нанта претставуваат две многу различни лица на корејската култура. Едното е филозофско, а другото динамично и пријатно, рече Шин Менг-хо.

Акробатското кујнско шоу „Нанта“, кое ќе биде втор дел од концерт вечерва, е комичен музички невербален настап, кој доаѓа од традиционалниот корејски инструментален перформанс „Samulnory“. Кујната е нивната позадина, со готвачи како главни ликови. Ножевите и другиот кујнски прибор стануваат музички инструменти во рацете на изведувачите.

„Нанта“ е меѓу најпознатите шоуа во Кореја уште од премиерната изведба во октомври 1997, кога на едно место има собрано најголем број на гледачи во историјата на корејскиот театар. Тоа е прво азиско шоу кое се појавило на Бродвеј. Нивниот театар е отворен 365 дена во годината, а го имаат посетено над еден милион странски посетители. „Нанта“ досега настапиле во 51 земја, 289 градови, привлекувајќи странска публика од над два милиони.

За време на дводневната филмска програма пак, во Кинотеката ќе биде поставена и изложба на слики на платно со мотиви од Сеул, на уметникот Симон Калајџиев, и изложба на фотографии „Впечатоци од Кореја“. Влезот за сите настани е бесплатен.