Македонија
17. August 2015 - 8:18

Почнува фестивалот на народна култура „Пображење“ во Вевчани

Со дефиле низ вевчанските улици вечерва почнува фестивалот на народна култура „Пображење“ – Вевчани што до 19 август ќе се одржи во организација на културно-уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани, а под покровителство на Министерството за култура и општина Вевчани.

На трите фестивалски денови ќе настапат 15 групи со над 400 уметници од земјава и странство, кои ќе ги презентираат фолклорот, традицијата и обичаите од својот регион и држава. Првпат годинава фестивалот ќе има натпреварувачки карактер, а најдобрите ќе добијат плакета „Чувари на изворната фолклорна традиција“.

Паралелно со фолклорните презентации во Вевчани неколку професори ќе спроведат етнографско теренско истражување на тема „Празникот Пображење во Вевчани“, а ликовниот уметник Боро Арсовски ќе релизира уметничко дело инспирирано од фолклорот и традицијата во Вевчани.

Вториот фестивалски ден ќе биде посветен на големиот јубилеј „70 години УНЕСКО“. Фестивалот „Пображење“ ќе заврши со етно вечер на која ќе настапи Ансамблот на народни инструменти и песни „Стевче Стојковски“ од Скопје заедно со пејачката група „Меџидија“.