Македонија
14. October 2021 - 8:47

Почнува дистрибуцијата на доверливиот избирачки материјал до ОИК

Државната изборна комисија (ДИК) денеска од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола ќе започне со дистрибуција и доставување на доверливиот избирачки материјал до 80-те општински изборни комисии и Општинската изборна комисија на Град Скопје за локалните избори што ќе се одржат во недела.

Во доверливиот избирачки материјал спаѓаат гласачките ливчиња и посебните изводи од избирачките списоци и тие со обезбедување од полицијата, ќе се дистрибуираат до сите општински изборни комисии. Во доверлив избирачки материјал спаѓаат и уредите за биометриска идентификација, кои полни со податоци и отпечатоци од прсти на граѓаните, во петок, исто така со придружба и обезбедување на полицијата, ДИК ќе ги достави во општинските изборни комисии. Првпат на овие избори полицијата постојано ќе го обезбедува доверливиот избирачки материјал.

Недоверливиот избирачки материјал веќе се дистрибуира до ОИК, а до петок треба да завршат дополнителните обуки за претседателите и замениците на избирачките одбори за користење на апаратите за отпечаток од прст, кои ќе управуваат со овие уреди.

Локалните избори ќе се одржат во недела на 17 октомври на 3480 избирачки места во 80 општини и Градот Скопје. Гласањето за изборите почнува во сабота, а први ќе гласаат болните и немоќните, лицата со Ковид-19 и во самоизолација, затворениците, лицата во притвор, во старските домови…

Првпат на овие избори идентификацијата на гласачите ќе се врши со уреди за биометриска идентификација односно со отпечаток од прст, а на изборите, како и за претходните избори, ќе се применуваат мерки за заштита од ширење на Ковид-19.