Македонија
9. April 2016 - 9:25

Почнува 9. Интернационален театарски фестивал „Лица без маски“

Со музичката комедија „Собуј ги чевлите“ на приватниот театар „Лудум, лудум“ и Кинозоик агенција од Белград вечер на малата сцена во Македонската опера и балет ќе биде отворен 9. Интернационален театарски фестивал „Лица без маски“, кој е посветен на професионалната независна театарска продукција, алтернативниот и експериментален театар.

Претставата за три месеци постигнала голем успех во Србија. Автор е Теодора Ристовски, а режисер Петар Ристовски. Учествуваат седум актери.

Деветтото издание на „Лица без маски“ ќе го отвори актерот Васил Зафирчев. 

„Собуј ги чевлите“ е меѓу шесте претстави кои ќе бидат изведени на годинашниот фестивал „Лица без маски“ кој до 12 април ќе  се одржува под мотото „Остани стабилен“. Во четирите фестивалски дена, покрај од Србија, ќе гостуваат и театри од Романија, Грција, Русија и од Италија, а ќе биде изведена и една македонска претстава.

- Се обидовме и оваа година да имаме програма која навидум ќе биде контроверзна и во исто време провокативна, затоа што овие претстави покрај свежината во естетиката што ја нудат, содржински допираат и актуелизираат многу горчливи теми за кој било човек на светот. Зборуваат за љубовта, прифаќањето на различностите, за рамноправноста, за теми кои се важни за ова заболено глобално општество, рече на прес-конференција Игор Ивковиќ, селектор на фестивалот. 

На малата сцена на МОБ утре ќе гостува романскиот театар „Креирај, глуми, уживај“ од Клуж - Напока, кој на „Лица без маски“ гостуваше пред три години. Овојпат ќе настапи со мултимедијален проект „Галаксија“ кој раскажува за настанокот на светот и човекот во светот, односно за кореспондирањето на микрокосмосот и макрокосмосот.

Во понеделник, 11 април, на програмата се две претстави на малата сцена во МОБ - од 20 часот е визуелната приказна за историјата на Грција „19 Мај“ на грчкиот театар „Онеироу технитис“ од Атина, а од 22 часот ќе настапи независниот театар „Фабрика“ од Скопје со претставата „Госпоѓица Јулија“. Таа е единствена македонска претстава на годинашниот фестивал зашто од здравствени причини на една од актерките е откажана „Алма Малер“ која била планирана во програмата.

Двете претстави на последниот ден од фестивалот, 12 април, ќе бидат изведени на сцената на „Театар Комедија“ - од 20 часот е руската „Рефлексии“ на 32. Физички театар од Таганрод, а од 22 часот италијанската „Ромео и Јулио“ во изведба на театарот „Болоњиникоста“ од Рим. За ови две селекторот Ивковиќ посочи дека се работи за визуелно впечатливи претстави кои отвораат навидум табу, но суштински теми.

 

Програмата е натпреварувачка и шесте претстави ќе бидат во трка за трите фестивалски награди: Гран-при за најдобра претстава во целина, награда за најдобра актерска игра и награда за најдобра режија. Нив ќе ги оценува жири во кое се режисерот Синиша Евтимов и актерките Ирена Илиевска и Магдалена Ризова-Черних. Наградите ќе бидат доделени на затворањето на фестивалот во вторник.

Покрај претстави, секој ден од 11 часот на сцената во Универзална сала ќе се одржуваат и работилници кои ќе ги водат гостите-учесници на фестивалот.

- Како и секоја година, и оваа се трудиме на скопската и македонската публика да и понудиме претстави со алтернативен, експериментален и авангарден предзнак. Претставите се на еминентни и докажани независни театарски продукции од светот, рече Миодраг Костиќ, директор на „Лица без маски“. 

Влезниците за претставите се по цена од 200 денари. Може да се купат на билетарницата на Универзална сала и на двете сцени каде што ќе се одржува фестивалот (МОБ и Театар Комедија).

Организатори на фестивалот се независниот „Театар 007“ и Конгресен центар „Александар Македнонски“-Скопје (Универзална сала), под покровителство и со финансиска поддршка на Град Скопје и Министерството за култура.