Македонија
3. October 2015 - 10:45

Почнува 8.Фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз“

Со изведба на претставата „Мажите се поинакви, а и жените исто така“ на артистот пантомимичар Дамир Дантес од Швајцарија, вечер во Театарот Комедија ќе биде отворен 8. Интернационален Фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз 2015“.

На Фестивалот, кој ќе трае до 7 октомври, ќе бидат изведени три претстави од областа на физичкиот театар и две претстави од областа на пантомимата. Претставите ќе бидат изведени и во Драмскиот театар и на малата сцена на Македонската опера и балет.

Утревечер во Драмскиот театар ќе биде изведена претставата „Кешчевецсе“ на Мovement studio од Романија. Првпат на Фестивалот гостува младиот артист од Бугарија, Јасен Попов чија претстава „Граници“ ќе биде изведена на 5 октомври во Драмскиот театар.

На 6 октомври на малата сцена на Македонската опера и балет ќе биде изведена „SyNovial“ во која настапуваат Марек Зелинка и Мартин Талага од Чешка кои првпат ќе гостуваат на Фестивалот.

На затворањето на „Панфиз 2015“ на 7 октомври на малата сцена на МОБ ќе биде изведена претставата „Пиеса за двајца“ на Александрос Михаил театар од Грција. По изведбата на претставата ќе биде доделена и наградата на Фестивалот во висина од 300 евра.

Билетите се продаваат по цена од 100 денари. Фестивалот е финансиски поддржан од Министерството за култура.