Македонија
6. March 2021 - 16:53

Почната постапката за обезбедување на барањата за вработените во дирекцијата за заштита и спасување

Интензивно се работи на решавање на статусот на пиротехничарите во Дирекцијата за заштита и спасување, вели директорот Беким Максути. Тие бараа да им биде признаен ризикот при работа како една од најопасните професии. Токму со нивна помош успешно се заврши акцијата за отстранување и уништување на над 12.500 парчиња артилериски гранати кои беа пронајдени во Битола. Максути вели дека при крај се сите активности, a со Министерството за одбрана имале состанок за измените на Законот за заштита и спасување.  

-За заокружување на сите измени на Законот за заштита и спасување, чиј носител е Министерството за одбрана, од друга страна ние имаме подготвено и елаборат, поминат е во МТСП, ни останува уште да заокружиме и измената на законот да влезе во собраниска процедура за што сметам дека ќе биде брзо. За нив ќе значи и бенефициран стаж и зголемување на платите зашто досега беа најниско исплатени луѓе во државата според професиите. За осигурување од ризик дадовме насоки да се зголеми, за нивните животи да бидат осигурани соодветно на професијата која ја имаат, вели Беким Маскути, директор на ДЗС.

Но, не само пиротехничарите. Се бара решение и за членовите на тимовите за брз одговор кои функционираат при Дирекцијата. Моментално се во процес на доекипирање на тимовите.

-Да се пополниме кадровски, а после да видиме според правилниците и уредбите кои може да бидат пречка во нивно ангажирање, работиме интензивно, дневниците редовно се исплаќаат, вели Максути.

Битолскиот тим за брз одговор за спасување на планина е еден од најактивните кој досега учествувал во голем број спасувачки акции не само во Македонија, туку и надвор од државата. Редовно одржуваат вежби и обуки за да се задржи кондицијата и подготвеноста за да учествуваат во спасувачки акции. Токму таква беше последната за спасување повреден од повеќекатница при земјотрес.