Македонија
14. јуни 2021 - 16:38

Почнаа уписите во средно

Гимназија или стручно? Ова е дилемата кај полуматурантите кои денеска се запишуваат во средно училиште. Како и изминатите неколку години интересот е најголем за гимназиите каде за упис има нешто повеќе од 9200 слободни места.

Идните средношколци велат дека за тоа каде ќе се запишат, се одлучиле уште од најмали нозе.

Гимназиите мака мачат да одберат кои ученици ќе ги примат бидејќи во некои се пријавуваат и речиси двојно повеќе отколку што тие можат да примат. Директорот на „Орце Николов“ очекува и годинава да се кандидираат повеќе од предвидените 285 ученици.

-Доколку има поголем број на пријавени ученици оваа година ќе има и квалификационо тестирање по предметите мајчин јазик и математика на материјал којшто го изучувале во осмо и деветто одделние. Така што, сето тоа ќе зависи од бројката, вели директорот на Гимназијата „Орце Николов“.

Стручните каде се изучуваат и најдефицитарните струки на различни начини се обидуваат да ги привлечат учениците кај нив. Директорот на ЕМУЦ „8-ми Септември“ вели дека оваа година за првпат за само еден час се пријавиле повеќе од 20 одлични ученици.

-Нудиме стипендии. Прво е главната стипендија што ја нуди Министерството, тоа е околу 3.500 денари. Потоа има стипендии од компаниите од 2.000 до 3.500 денари. Значи, од 5.500 до 7.000 може да земе секој ученик. Гарантирано вработување, учебници бесплатни, интернатот кој е во самиот двор на училиштето е бесплатно. И секоја втора недела на учениците од внатрешноста им го плаќаме дури и патувањето, вели директорот на ЕМУЦ „8-ми Септември“.

Бизнис секторот подолг период бара учениците да се запишуваат во стручните училишта бидејќи немаат работници. Од следната година МОН ќе нуди стипендии за средношколците кои од дуални паралелки, но и за оние кои ќе се определат за дефицитарните струки, како што се електротехничка, машинска, угостителско-туристичка, градежно-геодетска, земјоделско-ветеринарната и текстилно-кожарската