Македонија
1. јуни 2020 - 16:42

Почнаа уписите на првоодделенците под превентивни протоколи

По речиси три месеци се отворија училишните капии. Но не за да ги вратат учениците, туку за да ги примат идните. Во сите основни училишта во земјава од денеска до 30-ти јуни почна уписот на првачињата.

Наместо во мај, како што е вообичаено, оваа година уписите се овој месец. Се спроведуваат под посебни услови кои се утврдени од протокол донесен од Владата, со цел безбеден процес и заштита на здравјето.

Задолжително носењето на заштитни маски, дезинфекција на влезот на училиштето, чистење и дезинфекција по спроведување на секој разговор, како и одржување на физичка дистанца, се само дел од пропишаните мерки.

Подготвени со сите потребни документи, на влезот на основното училиште „Киро Глигоров” изутрината во закажаниот термин се појавија повеќе дечиња во придружба на еден од своите родители.

Резултатите од тестирањата секое основно училиште треба да ги објави најдоцна до 15-ти јули. Но и натаму останува неизвесноста околу почетокот на новата учебната година.

Дали таа ќе почне така како што заврши, со онлајн настава, или пак првачињата ќе имаат можност со физичко присуство да го искусат првиот училишен ден, ќе зависи од здравствената ситуација во земјава.