Македонија
26. July 2021 - 16:34

Почнаа подготовките за Илинден - коњаницата на пат кон Крушево

На Илинденскиот марш оваа година за прв пат ќе се приклучи и битолска коњаница составена од петмина битолчани, од кои две се девојки. Тие утрово тргнаа од потпелистерското село Цапари, кое велат е од големо значење за македонската историја. Во Битола поминаа низ центарот на градот, а потоа заминаа за Бигорски манастир каде ќе се приклучат на коњаницата „Свети Јован Бигорски Патот на Црешовото топче“.

-За прв пат сакавме да организираме затоа што од Цапари почнала таа битка за Крушево. „Патот на Црешовото топче“ по 12 пат го организираат ова, ни дадоа можност за да присуствуваме и да бидеме дел од нивната коњаница, вели Ѓорѓи Стојчески, член на коњаницата.

За маршот се подготвуваа месец и половина.

 -Правевме подготовки од јавање, спитомување, дури и паѓање од коњите. Напорно ќе биде, се работи за топло време, сепак желбата ни е голема за да издржиме, вели Ѓорѓи.

-Немав досега такво искуство, но се надевам ќе биде добро, се приклучив затоа што се започна од тука, но ние немавме наша коњаница и овој беше моментот кога се решивме да организираме. Не беше толку напорно колку што беше жешко, заради носијата уште потешко, вели Јована Талевска, член на коњаницата.

Најголемиот мотив им беше да се поттикне патриотизмот.

-Јас цел живот сум ја сакал Македонија, нејзината традиција, сум ја бранел државата мислам дека во овој момент патриотизмот на нашите Македонци е многу мал, сметам дека се што можам да сторам јас и моите истомисленици да го подигнеме нивото на чувство за национална припадност, вели Зоран Талевски, член на коњаницата.

Од Бигорски манастир го продолжуваат патот кон Крушево, каде ќе бидат дел од дефилето на Илинден.