Македонија
24. February 2016 - 13:19

Почнаа едукативните предавања за средношколците во рамките на проектот „Превенција од никотинизам“

Секторот за внатрешни работи -Штип, Отсек за превенција почна со проектот „Превенција од никотинизам“ преку кој средношколците во Штип  ќе се едуцираат за штетните последици од никотинизмот.

Началникот на Отсекот за превенција во СВР-Штип, Ангелчо Стојановски појасни дека целта е со едукативни предавања на младите да им се укаже за штетноста и зависноста од никотинот, имајќи во предвид дека младите се порано започнуваат со пушење на цигари.

- Во овој проект првпат се вклучени врснички едукатори. Ќе се реализира во сите основни и средни училишта во сите општини во надлежност на секторот. Освен превенцијата, предвидени се и спортски натпревари, со кои треба да се промовираат вредностите и здравите навики кај младите, изјави Стојановски.

Средношколците велат дека се упатени за штетноста на никотинот и оти порокот предизвикува сериозни заболувања. Знаат и дека никотинот е опасен и за пасивните консументи.

Според податоците од Светската здравствена организација (СЗО), дури 41 отсто од тинејџерите до 16-та година испушиле барем една цигара, а секој десетти зависник од никотин над 30 години починал од болест предизвикана од пушење.