Македонија
9. October 2015 - 23:01

Почна Велешка питијада 2015

Во организација на Општина Велес, со поддршка на бизнис секторот, вечерва почна традиционалната 12. Питијада. Манифестацијата ќе трае до недела, а ја отвори градоначалникот Славчо Чадиев. Тој ги покани сите љубители на пастрмајлија и на македонските вина викендов да дојдат во Велес.
 
Велешката питијада се одржува на главната улица „Благој Ѓорев“ во новиот дел на Велес, на потегот од пред  гимназијата „Кочо Рацин“ кон новиот кружен тек кај „Авона“, каде се поставени штандови на 37 угостители и производители на вино од Велес и Повардарието.
 
Како што информира Чадиев, Општината ја постави најголемата бина на која ќе настапат 20 естрадни ѕвезди од Македонија и странство. 
 
Манифестацијата ја отворија најмладите велешанчиња, дечињата од градинките „Димче Мирчев“ и ритмичката група „Црни мачиња. На програмата е фолк вечер, со групите „Маестро”, „Виртус”, Зуица Лазова, Благоја Грујовски, Анета и „Молика”, како и тамбурашите oд Суботица, групата „Равница” и Миле Кузмановски. 
 
Како што потсети градоначалниот Славчо Чадиев, Велес е прв град во Македонија каде се подготвувала питата пастрмајлија. Пишаниот документ за подготовка на велешката питата пастрмајлија како автохтон производ  кој се наоѓа во Цариградските архиви датира од 1869 година. Според истите записитеа во тоа време во Велес се произведувале по 150 илјади оки домашно вино годишно.Питата пастрмајлија и виното затоа не одат еден без друг, потенцира Чадиев.
 
Во сабота вечер ќе настапат Боби Мојсовски, Влатко Лозаноски, Елена Ристеска и „Парни Ваљак". Забавата  продолжува во Градскиот парк, каде на помошното игралиште настап ќе имаат познатите ДЏ Никифор, Г’не и Бокац. 
 
Во недела се Ален Хасановиќ, Филип Божиновски, Александар Тарабунов, Фолтин, Калиопи и ДНК, како и велешките рок легенди од 60 и 70 - тите години, групите „Елиси“ ,„Изотопи“,  „Триумфи“, „Лебеди“ и „Силуети“.