Македонија
11. јуни 2020 - 16:57

Почна тестирањето на вработените во штипските градинки

Започна скринингот на 237 вработени во штипските детски градинки, кој беше одложен поради појавата на новиот кластер во конфекциите. Денеска се земаа брисеви од 91 вработен во градинката „Вера Циривири –Трена“. Тие се надеваат дека за 2 до 3 дена ќе ги добијат негативните резултати, но не знаат кога точно ќе можат да започнат со работа.

- Имаме информации дека сите градинки во Р. Македонија треба да завршат со скрининг, па потоа сите наеднаш да бидеме отворени, изјави Софка Атанасова, Директор на ДГ „Вера Циривири-Трена“.

Анкетата спроведена меѓу родителите во месец мај, покажала дека 3 200 деца ќе се вратат во градинките. Кадровски можат да се екипираат, а просторни ресурси има доволно. Препораките се јасни, не се толку ригорозни и со мали исклучоци не отскокнуваат од работењето на градинките и пред пандемијата.

- Сегашните препораки се да не се користи трпезаријата како заедничка просторија за хранење, туку секоја група во своите соби и занимални. Вработените задолжително мора да носат маски. Бидејќи ќе биде мал бројот на децата, а просториите каде престојуваат не се толку мали, значи ќе можат да се организираат во помали групи да бидат во активностите, изјави Атанасова.

Во прилог на брзото отворање на градинките оди и фактот што денес во Штип се регистрирани само 2 позитивни случаи и еден оздравен, а во тек е земање на брисеви за прв негативен тест од текстилниот кластер.