Македонија
30. August 2020 - 12:29

Почна собраниската расправа за избор на нова Влада

Новото парламентарно мнозинство денеска во Собранието на Република Северна Македонија ја продолжи собраниската дебата за формирање нова Влада, чии приоритети вчера на првиот ден од седницата ги образложи нејзиниот мандатар Зоран Заев. Пратениците до полноќ треба да се изјаснат за новиот владин состав.

Како што најави вчера претседателот на Собранието, Талат Џафери, денешната расправа ќе ја почне пратеникот, односно претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.

Првиот ден од дебатата за формирање на новата влада, вчера помина со жестоки говори и реплики меѓу новата власт и опозицијата. Најчести забелешки на пратениците од опозицијата, вклучувајќи ги и тие од коалициајта Алијанса за Албанците и Алнтернатива, беа дека имале многу кратко време за да ја разгледат владината програма и да ги прочитаат биографите на предложените министри.

Опозицијата во овој парламентарен состав ќе брои 58 пратеници, од кој 44 на ВМРО-ДПМНЕ, 12 на коалицијата Алијанса за Албанците и Алнтернатива и 2 на Левица. Нивниот став е дека нема да гласат за новата влада, односно според пратениот на коалициајта АА-А, Халил Снопче, за 90 посто од предложената програма на новата влада.

За избор на владата е потребно просто мнозинство, односно 61 глас, а владината коалиција на СДСМ и другите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, во Собранието има парламентарно мнозинство од 62 пратеници.

Бројот на министерски места во новата влада е намален за седум и сега ќе брои 19 министри и премиер.

Освен Заев како премиер, членови на Владата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата Влада.

Артан Груби од ДУИ ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. За министер за информатичко општество и администрација е предложен Јетон Шаќири.

Предвремените парламентарни избори во државата се одржа на 15 јули годинава. Во време на пандемија со Ковид-19, овој изборен циклус траеше три дена. На првиот ден гласаа лица позитивни на корона вирусот и тие што беа во самоизолација, потоа следниот ден на 14 јули гласа старите и болни лица, и на 15 јули право на глас има сите други граѓани. За разлика од претходните избори времето за гласање овој пат беше продолжено за плус два часа, односно до 21 часот.