Бизнис
28. November 2018 - 19:55

Почна собраниската расправа за Буџетот за 2019 година

Mегаломански и популистички. Вака опозицијата го опишува буџетот за идната година. За власта, тој е реален и домаќински. Буџетот за идната година влезе во собраниска процедура. Министерот образложи дека растот ќе изнесува 3,2%, приходите 3,4 милијарди евра, а државата ќе потроши најмногу досега, 3,7 милијарди евра.

За пратениците од опозицијата ваквиот буџет нема да ги исполни очекувањата. Сметаат дека јавниот долг континуирано се зголемува, а граѓаните не чувствуваат бенефит од тоа.

Многу забелешки се упатуваат и за капиталните инвестиции. Имено, за таа намена за идната година предвидени се 418 милиони евра, што е за 39% повеќе од годинава. А токму слабата реализација на капиталните проекти беше еден од клучните фактори за падот во градежништвото и послабиот економски раст годинава.

Во приходите за идната година вкалкулирани се и околу 24 милиони евра, пари што ќе се приберат преку прогресивното даночење. Според опозиционерите, нема законска основа за вакво креирање на буџетот бидејќи законот за прогресивен данок сè уште не е донесен. За министерот ова е праведно даночење, како што е пракса во поразвиените земји.

Според Деловникот, комисиската расправа за предлог буџетот ќе трае најмногу 10 работни дена.