Македонија
12. February 2016 - 13:22

Почна санација на надворешната бетонска површина на мостот „Гоце Делчев“

Град Скопје денеска почна градежни работи за санација на надворешната бетонска површина на мостот „Гоце Делчев“.

Градоначалникот Коце Трајановски информираше дека во текот на градежните работи ќе се отстрани оштетениот бетонски слој на местата каде што има потреба, ќе се нанесе антикорозивна заштита на арматурата и ќе се изврши санација и заштита на површината.

- Градежните работи ќе траат 150 работни дена или околу седум месеци. На санација на надворешната страна на мостот „Гоце Делчев“ ќе работат градежниците на компанијата „Синтек инженеринг ДООЕЛ Скопје“, а Градот Скопје за овој зафат ќе одвои околу 11 милиони денари, изјави Трајановски.

Соопшти дека овој проектот за санација е врз основа на изработената експертиза од меѓународната компанија „Фресине“, во која се препорачува да се санира надворешната површина на мостот која е оштетена од атмосферски влијанија.

- Фирмата „Фресине“, која е лидер во изработката на мостовски конструкции, во 2001 година изврши санација на конструктивните елементи на мостот „Гоце Делчев“, но при тој градежен зафат не беше санирана надворешната површина на овој мост, додаде Трајановски.

Во текот на градежните работи сообраќајот на мостот ќе се одвива без прекини и ограничувања.