Македонија
21. July 2017 - 16:53

Почна реконструкцијата на улицата „Втора Македонска Бригада“

Нов асфалт ќе добие улицата Втора македонска бригада која ги спојува општините Бутел и Чаир.. Денеска почнаа градежните работи за целосна реконструкција на потегот од крстосницата со Христијан Тодоровски Карпош до кружниот тек на улицата Лазо Трпковски.. Обновата на оваа сообраќајница е дел од годишниот план за работа на градските власти.. Со овој проект значително ќе се подобри одвивањето на сообраќајот и безбедноста на пешаците, вели градоначалникот Коце Трајановски..

- Денеска ја почнуваме реализацијата на овој важен градежен зафат во должина од 1.181 метар. Ќе биде изгребен стариот и оштетен и ќе биде нанесен нов асфалт. Со овој проект значително ќе се подобри одвивањето на сообраќајот и ќе се зголеми безбедноста при движењето за жителите на општините Чаир и Бутел, изјави Коце Трајановски, Градоначалник на Град Скопје.  

Освен коловозот, ЈП „Улици и патишта“ ќе ги реконструираат пешачките и велосипедски патеки, а ЈП „Паркови и зеленило’ ќе го уредат просторот по должината на улицата.. Според локалните власти на  Бутел и Чаир, реконструкцијата на улицата Втора македонска бригада е резултат на одличната соработка со Градот Скопје.. На овој начин се реализира уште еден инфраструктурен проект  од исклучителна важност, вели градоначалникот на Бутел..

-  Општина Бутел изминатиов период извршува градежни работи на голем број  локации со цел подобрување на инфраструктурата. Во Визбегово се реконструира улицата број 5 која е долга над 2,5 километри, како и улицата број 60, улицата број 42, улицата Бел Камен и други улици коишто се со вкупна должина од над 7,5 километри. Сево ова се реализира со цел подобрување на патната инфраструктура на територијата на општина Бутел, изјави Петре Латиновски, Градоначалник на Општина Бутел.

Реконструкцијата на улицата Втора македонска бригада ќе заврши за околу три месеци.. За изведба на градежните работи се предвидени 10.6 милиони денари, парите ги обезбеди Градот Скопје..