Македонија
13. August 2015 - 13:11

Почна реконструкцијата на булеварот „Јане Сандански“

Од денеска почна реконструкцијата на булеварот „Јане Сандански“ на потегот од катната гаража „Илинден“ до крстосницата со улицата „Васко Карангелевски“.

Сообраќајницата на овој потег, како што информира општина Аеродром, ќе се реконструира во должина од 475 метри, во двете насоки.

- Во текот на градежните работи на булеварот „Јане Сандански“ ќе се отстрани постојниот оштетен асфалтен слој (од двете страни на сообраќајницата), ќе се нивелираат 37 шахти и сливници, ќе се заменат оштетените рабници, а на местата каде што ќе се јави потреба ќе се обнови и носечкиот слој. На површина од околу 9.000 квадратни метри ќе се нанесе нов асфалтен слој Сплит Мастикс од еруптивно потекло којшто дава дополнителен квалитет на асфалтот, информираат од општината.

Почетокот на градежните работи на булеварот „Јане Сандански“ го означија градоначалниците на Град Скопје и на Општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски.

Градоначалникот Коневски изјави дека ова е уште една потврда дека добрата соработка со Град Скопје дава позитивни резултати за подобрување на условите за живот на граѓаните, особено што станува збор за исклучително фреквентен булевар.

Во текот на градежните работи ќе се обнови дел и од велосипедската патека од двете страни на булеварот, на вкупна површина од 300 квадратни метри.

Овој проект е продолжување на проектот за реконструкција на булеварот „Јане Сандански“ што Градот Скопје го реализира во 2012 година, кога булеварот доби нов асфалт на потегот од крстосницата со булеварот „Србија“ до крстосницата кај катната гаража „Илинден“.

Булеварот „Јане Сандански“ е изграден во раните осумдесетти години и досега ниту еднаш не е реконструиран. Асфалтот на булеварот е многу оштетен и заради безбедно одвивање на сообраќајот Градот Скопје ќе го реализира проектот за негова реконструкција.

Во текот на реконструкцијата на коловозот ќе се воведе привремен сообраќаен режим, поради што се апелира до граѓаните да ја почитуваат поставената патна сигнализација и да ја прилагодат брзината на движење кон условите на патот.