Македонија
14. November 2019 - 15:52

Почна реконструкцијата и адаптацијата на Мултикултурниот центар во Кочани

Со воведување во работите на избраниот изведувач „Анол импекс“ од Скопје, почнаа градежните работи за реконструкција и адаптација на Мултикултурниот центар во Кочани.

Реконструкцијата е дел од проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“ во кој водечки партнер е Центарот  за развој на Источниот плански регион, заедно со општината Гоце Делчев од Бугарија, која се јавува како втор проектен партнер.

–Градежните работи предвидуваат хидроизолација, комплетно нов водовод и канализација, нови ПВЦ врати и прозорци, целосна промена на кровот, термичка фасада, молеро-фарбарски работи, оспособување на таванскиот простор за потребите на Центарот, нови подови, промена на осветлувањето на објектот, нова сигурносна и видеоопрема, противпожарна и громобранска инсталација. Нов изглед ќе добие и надворешноста на објектот, а реконструкцијата треба да заврши за 14 месеци, истакна Драгица Здравева, раководителка на Центарот за развој на Источниот плански регион.

Средствата што ги има на располагање Центарот за развој на Источниот регион се над 315 илјади евра, од кои Општина Кочани учествува со 65 илјади евра.

–Овој објект, меѓу граѓаните познат како Старо кино, има културно-историско значење и задоволен сум што конечно почнува неговата реконструкција. Планираме овде да бидат сместени повеќе граѓански здруженија што ќе овозможи активности од различен карактер. Проектот има важно влијание врз заедничкото претставување на традиционалното и културното наследство, како алатка за развој на одржлив туризам во прекуграничниот регион, преку популаризација на традиционалните вредности и културното наследство, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Со реконструкцијата на Мултикултурниот центар ќе се направи осовременување на просторните услови, ќе се добијат една поголема и две помали сали, повеќе простории за младински и граѓански активизам и ќе се обезбедат услови за развој на креативниот туризам.

Проектот „Нашето заедничко минато – патека за заедничка иднина“ е финансиран од ЕУ, во рамки на вториот повик на ИНТЕРРЕГ – ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Македонија.