Македонија
12. September 2019 - 16:03

Почна реализацијата на два инфраструктурни проекта во тетовско

Во тетовско денеска почна реализацијата на два инфраструктурни проекти кои се важни за секојдневната сообраќајна комуникација во овој регион. Станува збор за реконструкција на локален пат во селото Јажинце до регионалниот пат Тетово-Јажинце и за изградба на тротоари на дел од општинскиот пат Тетово-Требош во општина Желино.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски, кој денеска беше во посета на овој регион, изјави дека реконструкцијата на патот во селото Јажинце е од големо значење за жителите на селото.

–  Со ова, Министерството ја реализира програмата за оваа година. Пред десет дена бевме на првата фаза на асфалтирање на патот до депонијата „Русино“, а денес почнуваме нов проект финансиран од Министерството за локална самоуправа преку Бирото за рамномерен регионален развој, во изведба на Полошкиот плански регион, рече Милевски.

Реконструкцијата ќе опфати 370 метри должина и 3,5 метри ширина и ќе чини околу четири милиони денари.

– Од 2000 година не беше направено ништо за овој пат, но издејствувавме да има реализација, што ќе значи многу за жителите на Јажинце и за децата кои одат во ова училиште, вели градоначалникот на Јегуновце, Дарко Блажевски.

Според министерот Милевски, на располагање за осумте плански региони има седум милиони евра од кои пет милиони се инвестираат во сите региони, а два милиони се наменети за селата со специфични подрачја.