Македонија
13. July 2016 - 13:15

Почна постапката за избор на младински претставник во Регионалната канцеларија на Западен Балкан

Агенцијата за млади и спорт ја почна постапката за избор на младински претставник од Македонија во Регионалната канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески на прес-конференција информираше дека денеска е распишан јавен повик за проширување на Работната група која ќе треба да го избере младинскиот претставник.

- Ги дефиниравме чекорите и процесите на избор на младинскиот претставник, кој ќе биде член на Управниот одбор на Регионалната канцеларија за младинска соработка. Се работи за отворен и транспарентен процес, кој ќе му даде можност и право на секој млад човек кој активно работи во рамки на младинските организации во нашата држава, рече Спасески.

Според него, во Република Македонија постојат голем број младински организации кои активно учествуваат во реализација на проекти на национално и меѓународно ниво.  

Критериумите на јавниот повик за граѓанските организации кои сакаат да предложат свој претставник се да постојат најмалку три години, да имаат млади лица во извршното или управно тело, да имаат свое јавно гласило, да се регистрирани врз основа на Законот за здруженија и фондации и Законот за Црвен крст на Република Македонија, како и да имаат тековна состојба и наративен извештај за 2015 година со најмалку пет имплементирани активности.

Пријавите заедно со прилозите за докажување на исполнувањето на критериумите, потребно е да се испратат до Агенцијата за млади и спорт, (ул. Македонија бр.38 – Палата „Панко Брашнаров“, 1.000 Скопје) најдоцна до 27 овој месец.

Работната група за избор на младинскиот претставник ќе треба да поднесе предлог одлука до директорот на Агенцијата за млади и спорт и да овозможи поддршка во натамошниот период на функционирањето на РИКО на претставниците на Република Македонија во телата на оваа канцеларија.

Процесот ќе се спроведува во август и септември 2016 година, а изборот на младинскиот претставник треба да биде извршен заклучно со 15 септември 2016 година. Резултатите од јавниот повик ќе бидат објавени на веб-страницата на Агенцијата за млади и спорт.

На 27 август 2015 година во рамки на Самитот за Западен Балкан одржан во Виена од страна на премиерите на Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, Црна Гора и Косово беше потпишана Заедничка декларација за воспоставување на Регионална канцеларија за соработка во областа на младите, како регионално тело. Задачата ќе биде да ја управува и ја координира младинската соработка во регионот, во духот на соработка и помирување на младите од Западен Балкан.

Македонија се вклучи во процесот на формирање на оваа канцеларија преку двајца претставници, владин и невладин. На 17 декември 2015 година Агенцијата за млади и спорт формираше Работна група за поддршка на претставниците кои учествуваат во овој процес.

На 4 јули 2016 година од страна на премиерите на шесте држави беше официјално потпишана Меѓународната спогодба за формирање на Регионална канцеларија за младинска соработка, со седиште во Тирана која треба да почне со работа на 1 јануари 2017 година.