Македонија
1. March 2021 - 16:57

Почна попишувањето на затворениците, дијаспората и бездомниците

Еден по еден и стражарно спроведувани, 171 затвореник од казнено поправната установа Куманово ја почнаа првата фаза од пописот во Македонија. Здравствените протоколи запазени, попишувачите на своите места. Податоците ќе бидат внесени во регистарот, кој две децении недостига во земјава.

По 20 години и еден неуспешен обид, Македонија ја стартува најмасовната статистичка операција.

Покрај затворениците, во првата фаза на пописот се опфатени вработените во македонските амбасади, припадниците на армијата во странство, како и бездомниците. Преку веб апликација се попишува и дијаспората, но веќе стигнаа и првите поплаки дека таа не е функционална.

Една од нив пристигна од Германија.

“Денеска пробав да се попишам на апликацијата за попишување. Бев замолен за изјава околу искуството со попишувањето, па да видам како функционира...Сајтот беше достапен од 8:00 часот и тоа како информација стоеше во англиската верзија - во македонската и албанската не. Откако беше достапен имаше проблем со пополнување на полињата, бидејќи листите со одговори не се читаа целосно или беа покриени со логото на фирмата...”, вели наш државјанин од дијаспората

Првиот ден од пописот ВМРО-ДПМНЕ го искористи повторно да обвини дека власта спроведува политичка операција, потсетувајќи на иницијативата која ја водат во моментов.

“ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните за само 8 дена собра 100 илјади потписи за нешто помалку од вкупно 24 часа. И покрај бројните опструкции од власта, само 24 часа во 8 дена, 100 илјади граѓани го дадоа својот потпис за вистински и европски попис, спротивен на оној кој сака да го организира власта на насилен начин, со политичка цел”

За министерот за правда, опозоцијата го политизира процесот. Апелираше за обединетост во пораката – граѓаните активно да учествуваат во пописот.

Мислам дека сите дискусии завршија минатата недела откако и Евростат верификуваше со јавна изјава дека и законот за попис и методологијата според која се спроведува пописот се направени согласно највисоките стандарди...”

Маричиќ заедно со првиот човек на статистика Симовски денеска на терен лично се уверија во почетокот на првата фаза на пописот. И двајцата подвлекуваат - ова е опреација која е во интерес на сите граѓани.

По завршувањето на првата фаза, ќе почне и теренскиот попис. Официјално ќе стартува на 1-ви април и ќе трае до 21-април.