Бизнис
20. November 2019 - 19:45

Почна откупот на тутунот - реколтата одлична и се очекува повисока просечна цена

Започна откупот на тутунот за реколтата 2018/2019. Лани имаше произведено околу 25 милиони килограми, а годиинава се очекувало 6% повеќе.

Поради одличната реколта очекувањата се дека и просечната цена по килограм ќе биде повисока од лани, кога таа изнесуваше 217 денари. Првите тутунари кои го предадоа тутунот задоволни од проценката.

„Оваа реколта е подобра годинава и подобра класа добивме, засега ни е донесен само еден дел од тутунот. Убаво поминавме сега добив прва и втора“,истакна Трајче Ристески, производител на тутун.

„Два тона тутун имам сега помина моментално прва и втора, за разлика од лани е каде каде подобра“, додаде Ристе Младеноски, производител на тутун.

Годинава тутунот во Македонија е засаден на 13.342 хектари тутун и се склучени 32.798 договори. Тој ќе се откупува на 210 пунктови од страна на 9 откупни фирми кои годинава очекувале добра реколта.

„Очекуваат една добра сезона, квалитетот е исто така добар на тутунот оваа година со тоа што веќе сите имаат обезбедено средства за исплата“, истакна Трајан Димковски, министер за земјоделство.

„Денеска започнуваме во градот, во петок и во населените места, исплатата ќе биде веднаш наредниот ден“, кажа Кире Станкоски, директор на ТКП.

За контрола на проценката на вагите веќе биле поставени повереници од здруженијата на тутунари, а имало и зголемен инспекцискии надзор.

„Инспекторите се максимално на терен, имаат распоред, прават и редовни и вонредни контроли и јас лично не очекувам никакви проблеми“, изјави Зоран Шапуриќ, директор на државниот земјоделски инспекторат.

Според законот сите 210 откупни пунктови треба да бидат отворени до 15 декември.