Македонија
4. May 2021 - 19:39

Почна масовната имунизација со кинески Синофарм

Од планирани 3600 термини за денеска до пладне во спортската сала Борис Трајковски вакцина против Ковид 19 примија 2000 граѓани. Со дел од 200.000 дози од кинески Синофарм во Арената се вакцинираа вработени во образованието кои ќе бидат ангажирани за спроведување на државната матура. Повеќето поради организираниот превоз од други градови пристигнаа и неколку часа порано, па на моменти зафатени беа сите позиции за боцкање, а ред се чекаше и пред салата.

-Во спортската сала Борис Трајковски денеска се вакцинираше со две вакцини. На половина од позициите се аплицираше кинеската вакцина Синофарм прва доза, а на другата половина се ревакцинираа граѓани со руската Спутник.

Дали ќе имаат некаква реакција и што да прават во таква ситуација биле најчестите прашања до медицинските лица од граѓаните кои се вакцинирале.

-Прашуваат дали ќе имаат реакција, и ние им кажуваме што да прават, вели Хамиет Јусуфи, медицинска сестра од Поликлиника Железара.

-Ме радува што одзивот е голем и граѓаните не потклекнаа на кампањите против вакцинација, речле Џансун Буковец, студент по медицина.

Според официјалите податоци од министерството за здравство досега вакцина против Ковид во земјава примиле 61.600 граѓани, а интерес за вакцинација пројавиле над 218.500 лица.