Македонија
17. March 2020 - 12:45

Почна лидерската средба кај Пендаровски

 Почна лидерската средба во кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски на која присуствуваат претседателите нa парламентарните политички партии од власта и од опозицијата кои на последните парламентарни избори освоија пратенички мандати со самостојни листи. Единствена точка на дневниот ред на средбата што ја свика шефот на државата е одложување на парламентарните избори.

На средбата присуствуваат лидерите на СДСМ, Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, на Алтернатива Африм Гаши и на Движењето БЕСА, Билал Касами. Во име на ДУИ на состанокот присуствуваат Бујар Османи и Изет Меџити, а од ДПА присутни се Орхан Ибраими и Фримзим Даути. На средбата се присутни и претседателот на Собранието Талат Џафери и претседателот на Владата Оливер Спасовски.

Видеоинсерти и фотографии од средбата ќе бидат дистрибуирани до медиумите од страна на прес-службата на кабинетот веднаш по почетокот на лидерската средба. Изјавите за медиумите по завршувањето на лидерската средба ќе бидат пренесувани на Јавниот сервис МРТ, на фејсбук-страницата на претседателот и на јутјуб-каналот. 

Поради мерките и препораките на Владата за заштита од COVID-19, од Кабинетот на Пендаровски, ги охрабруваат медиумите да ги преземат видеоматеријалот и фотографиите кои ќе бидат веднаш дистрибуирани.