Бизнис
26. August 2017 - 21:45

Почна Летната школа на Енергетската заедница во Охрид

Во Конгресниот центар во Охрид денеска официјално беше отворена втората летна школа на Енергетската заедница (EnC). Школата ќе трае до 2 септември, а ќе учествуваат 40 најуспешни учесници од 25 различни земји од Југоисточна Европа и од Европската унија, вклучително и експерти - предавачи за енергетика и климатски промени.

Целта на Летната школа, меѓудругото, е да ја поддржи транзицијата на енергетскиот сектор и процесот на интергација на земјите од Југоисточна Европа со зајакнување на младите преку едукација за поддршка на процесите и обезбедување одржлива иднина за сите. Ова, исто така, вклучува обезбедување платформа за познавање и размена на искуства помеѓу земјите од ЕУ и земјите кои не се членки на ЕУ.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања во Владата на Република Македонија, Кочо Анѓушев истакна дека учесниците на Летната школа на Енергетската заедница ќе имаат навистина добра можност да се здобијат со комплементарни знаења во областа на енергетиката со оглед на фактот дека ќе имаат прилика да учат од навистина еминентни предавачи.

Тој се осврна и на реформите во енергетскиот сектор кои се планирани во Република Македонија.

- Владата на Република Македонија е посветена на реформите во енергетскиот сектор. Во подготовка се нов закон за енергетика и закон за енергетска ефикасност. За жал, нашата држава заостанува зад другите кога се во прашање реформите во енергетскиот сектор и интенцијата е со големи чекори да го достигнеме нивото на соседните држави, а потоа и на развиените европски држави, потенцираше Анѓушев.

Владата ќе работи и на подигнување на производството на домашните капацитети со особен фокус на производство на електрична енергија од обновливи извори.

- Ќе го зголемиме производството на електрична енергија од обновливи извори. Наместо досегашниот модел со фидинг тарифи ќе се воведе комерцијален модел за производство на енергија од фотоволтаично централи. Политичарите ги создаваат границите, а јас сметам дека енергијата нема граници. Иднината на енергијата е еден заеднички пазар на електрична енергија за сите нас, рече Анѓушев.

Домаќинот, деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, професор Димитар Ташковски објасни дека енергијата значително влијае на квалитетот на социјалниот и економскиот живот на населението.

- Од друга страна, енергијата може да се произведува и користи на начини кои ја загадуваат животната средина и ги зголемуваат емисиите на стакленички гасови. Развојот на разни енергетски извори може да ги наруши екосистемите ако не е внимателно планиран. Затоа, потребна е регулатива за да се обезбедат доволни количини на енергија кои се доставуваат до крајните корисници на сигурен и еколошки начин. Потребна е и регулатива во контекст на секторските политики за да се унапреди енергетската ефикасност на крајната потрошувачка и намалување на емисиите на ЦО2. За подготовка и реализација на овие политики потребен е мултидисциплинарен кадар, рече Ташковски.

Според заменик-директорот на Секретаријатот на енергетската заедница, Дирк Бушле, Енергетската заедница или Енергетска унија може да напредува само ако следната генерација ги разбира барем основите на енергетската политика.

Јоаким Гаубе, секторски раководител на Отворениот Регионален Фонд за Југоисточна Европа за енергетска ефикасност на ГИЗ, ја искористи можноста да ја истакне важноста на организирањето и обезбедувањето поддршка за проекти како што е летната школа на Енергетската Заедница (EnC). 

Програмата на втората летна школа се фокусира на различни теми поврзани со енергијата, кои се движат од економски, преку легални, до политички теми, но секогаш со акцент на одржливоста. Тоа ќе овозможи студентите да се поврзат со експертите и академиците, додека ги применуваат идеите, искуствата и најдобрите практики и градат важни односи.

Летната школа ја организира Секретаријатот на Енергетската заедница во соработка со Вишеградскиот фонд, Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје и Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа - Енергетска ефикасност (ORF-EE), спроведуван од Германската организација Deutsche Gesellschaft fur lnternationale Zusammenarbeit (GIZ) (Германско друштво за интернационална соработка). Првата летна школа на Енергетската заедница (EnC) се одржа во Албанија во 2016 година.