Македонија
21. October 2016 - 13:02

Почна изградбата на водоводната мрежа во Општина Чешиново – Облешево

Почна изградбата на водоводната мрежа во Општина Чешиново-Облешево, со што чиста вода за пиење ќе добијат и населбите Чифлик и Уларци. 

Финансиската конструкција за реализација на проектот изнесува 15 милиони денари, средства обезбедени со кредит од Светска банка. Од оваа мерка, истакна  Костадин Личков, градоначалник на Општина Чешиново – Облешево, општината ќе добие и грант по што со водоводна мрежа ќе бидат покриени и другите населени места.

- Ова беше една од најболните точки на општината Чешиново – Облешево бидејќи секоја куќа имаше сопствен бунар но добро знаеме што се случуваше во поплавите и во овие населени места водата не беше за пиење така што најгорливиот проблем на овие жители ќе го решиме со изградбата на водоводната мрежа, појасни градоначалникот Личков. 

Во тек е и  изградбата на регионалниот пат меѓу општините Чешиново – Облешево и Карбинци. Станува збор за делницата меѓу населено место Бурилчево и населено место Аргулица.

- Заврши првата фаза од овој проект, пробиен е патот, земјените работи се при крај и наскоро ќе се почне со асфалтирање. Овој пат долго време се чекаше, затоа што жителите од општина Карбинци за да дојдат во општина Чешиново – Облешево требаше да поминат околу 30 км, сега со овој пат ќе минуваат само 3 км, додаде Личков.

Средствата за изградба на овој регионален пат се обезбедени преку Јавното претпријатие за државни патишта и Министерството за транспорт и врски