Македонија
14. August 2015 - 17:34

Почна изградбата на спортска сала во село Градец, Гостиварско

Во О.У. „Мехмет Дерала“ село Градец, општина Врапчиште, денеска почна изградбата на нова спортска сала, која ќе биде опремена со најсовремена опрема.

Како што соопшти МОН, на поставувањето камен-темелник присуствуваше министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, кој истакна дека проектот, чија вредност изнесува 34 милиони денари, ќе се реализира во рок од шест месеци.

- Проектот за изградба на оваа сала е изработен во согласност со стандардите за ваков вид спортски сали, каде што освен простории за спортски активности, ќе има и трибина, санитарни јазли, гардероба и простории за други спортски активности, рече министерот Адеми.

Тој посочи дека инвестирањето  во образованието и понатаму останува приоритет на Владата и има за цел да се создадат подобри инфраструктурни услови за зголемување на квалитетот за следење на воспитно-образовниот процес. Во тој контекст посочи дека во тек е реконструкција на седум училишни објекти, а овој и следниот месец  ќе започне реконструкцијата на уште 30 други училишни објекти на целата територија на државата.

Инаку, покрај спортската сала во Градец, додаде Адеми, во градба се уште осум други сали меѓу кои во Липково, Речица, Желино и во Средното економско училиште во Тетово.

Тој ги потенцираше  и инвестициите во високото образование.

- Првпат оваа година со средствата обезбедени од буџетот, освен Државниот универзитет во Тетово се финансира и Универзитетот на Југоисточна Европа и Факултетот за исламски науки во Скопје, истакна  Адеми.

Вицепремиерот Муса Џафери рече дека изградбата на спортската сала е доказ дека Владата продолжува со реализација на проекти од различни области, кои имаат за цел да се создадат подобри услови за граѓаните.

Џафери истакна дека ДУИ како дел од Владата ги реализира ветувањата дадени пред електоратот и оти целосно ќе се  реализира заедничката владина програма.

На настанот присуствуваа вицепремиерот Фатмир Бесими, министрите за правда Аднан Јашари и за животна средина и просторно планирање  Нурхан Изаири, градоначалникот на општина Врапчиште Бајрам Кадрија, пратеници и други функционери од локалната и централната власт.