Македонија
2. July 2016 - 11:44

Почна Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“

Со дефиле на учесниците и нивни изведби на изворна музика на неколку пунктови во центарот на Прилеп синоќа почна 42.Меѓународен фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. 

За отворен Фестивалот го прогласи Илчо Јованов, претседател на советот на Фестивалот на камената бина на плоштадот „Александрија“ каде се одржа првата фестивалска вечер.

- На прагот сме на 42. издание на овој фестивал кој има за цел да ја негува и да ја зачува богатата изворна фолклорна традиција во Македонија. Секако тука се и бројните гости од странство кои го негувааат изворниот мелос, дел од нивните земји, а дел се нашинци кои живеат таму, ама не го заборавиле родното огниште. Радува фактот што има многу млади кои сакаат да ја негуваат изворната музика, пренесена од нивните дедовци, рече Јованов.

Поздравувајќи го Фестивалот, граоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески истакна дека тој е културен бренд на Македонија.

- Прилеп безрезервно го поддржува овој Фестивал зашто тој значи зачувување на нашите корени, на нашата традиција. Градот му постави и споменик на идејниот творец Пеце Атанасовски во центарот, а изворната музика ги привлекува и гостите од секаде, посочи Ристески.

На бината на плоштадот „Александрија“ синоќа настапија дел од околу 350-те учесници годинава на фестивалот од сите краишта на Македонија и од Србија, Бугарија, од Русија и од Австралија.

Според учесниците, впечатоците се прекрасни. - Прилеп денеска треба да слави. Традицијата треба да се негува, а кај нас, во Македонски Брод навистина се негува, зашто имаме учесници и од 8-9 години, вели Златко Ристески од Македонски Брод.

Од српското село Качарево на Фестивалот учествува ансамблот „Тоше Проески“.

- Дванаесет години се занимаваме со изворната македонска песна. Вторпат учествуваме на Фестивалот, а сме и дел од Семинарот кој ги изучува македонските традиционални песни. Годинава сме и во натпреварувачкиот дел. Се надевам дека до крајот на Фестивалот ќе уживаме, истакна Лилјана Најдовска од Качарево.

Гостите од рускиот град Ворољеж ги предводи Александра Саботјагина која е и доцент на Вороњешкиот државен институт.

- Прекрасно е овде. Преку изворната песна ја гледаме Македонија, ја чувствуваме душата на македонскиот народ.. Заедно научивме и една македонска песна, вели Саботјагина.

На фестивалот деновиве, трета година по ред, работеше и семинарот за изучување на народните инструменти и песни. Учествуваа околу 30 семинаристи од Србија, Русија и од Македонија. Заедно на синоќешната фестивалска вечер изведоа вокално-инструментална македонска изворна песна.

Во киното „Мис Стон“ денеска напладне ќе биде изведен стариот градски обичај „Тајане Бојане“ за верскиот празник Иванден, познат обичај во прилепско.

Вечер од 18 часот е втората фестивалска вечер на Рудина кај Долнени.

По настапот на сите учесници, жири комисија ќе ги прогласи најдобрите. Ќе бидат доделени Гран при наградата на Фестивалот и гајата на Пеце Атанасовски што ја доделува општина Долнени за најдобар странски гајаџија.