Македонија
21. September 2019 - 13:58

Почна есенската акција за генерално чистење на скопските општини

По повод Светскиот ден на чистењето – 21 септември, Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ денеска почнаа акција за генерално чистење на сите скопски општини.

Како што информираат од Град Скопје, во акцијата ќе бидат отстранети и графитите со навредлива содржина, коишто промовираат говор на омраза, верска и етничка нетрпеливост. Воедно, во периодот од денеска до 24-ти овој месец во секоја општина ќе бидат поставени специјални садови во кои граѓаните ќе можат да одлагаат кабаст отпад – стар мебел и отпад од електронската и електричната опрема.

Почетокот на акцијата за чистење денеска го означија градоначалникот Петре Шилегов, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, градоначалникот на Општина Гази Баба, Борче Георгиевски и директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани.

– Градот Скопје денеска почнува една масовна акција со која што што ќе помогнеме на општините да се исчистат споредните улици, бидејќи главните градски услици се предмет на секојдневен третман и истовремено да ја промовираме акцијата за собирање на кабаст отпад, односно негово правилно одлагање во специјални садови, а не во контејнерите. Исто така, со оваа акција ќе ги извадиме графитите од ѕидовите кои претставуваат говор на омраза. Тоа не значи дека градот е против урбаната уметност на графитите, туку против говорот на омраза. Урбаната уметност и графитите се симбол на секој град и Град Скопје го стимулира тоа, меѓутоа содржини со говор на омраза се неприфатливи, рече градоначалникот Шилегов.

Директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани апелираше за подигнување на јавната свест кај граѓаните на градот Скопје за правилното одлагање на отпадот.

-Како Претпријатие секојдневно се соочуваме со создавање диви депонии од градежен и кабаст отпад што директно ја загадуваат нашата животна околина, а се резултат токму на несовесното однесување и постапување со отпадот. Во таа насока, нашата Еко-патрола од почетокот на годинава досега им врачи повеќе од 1000 записници на оние граѓани коишто на терен се затекнати дека го прекршуваат Законот за јавна чистота, изјави Шабани.

Садовите за одлагање кабаст отпад ќе бидат поставени на неколку локации:

Општина Чаир:

– раскрсницата меѓу булеварот Цветан Димов и улицата Коста Абрашевиќ,

– раскрсницата меѓу улиците Џон Кенеди и Дижонска,

– улица Ресенска, до ресторанот „Фа-Фа“.

Општина Аеродром:

– булевар Февруарски поход, во близина на супер маркетот „Рамстор“, кај автобуската постојка на последна 5-ка,

– булевар АВНОЈ број 68 – 74 во непосредна близина на маркетот „М“,

– населба Лисиче, улица Димитар Туриманџоски, кај полициската станица.

Општина Шуто Оризари:

– во близина на „Жито Лукс“,

– меѓу улиците Брсјачка буна и Нов живот, кај Спортската сала,

– меѓу улиците Нов живот и Гвадалахара, во близина на автобуската постојка на последна 19-ка.

Општина Гази Баба:

– населба Автокоманда, улица Лазар Поп Трајков (пред напуштениот објект на „Центро“)

– улица Маџари, кај ресторан „Далија“,

– населба Железара, кај автобуската постојка на последна 16-ка.

Општина Бутел:

– улица Груица Војвода (зад кино „Бутел“),

– сквер на улиците Хо Ши Мин и Рудо, Бутел 1,

– кај спортската сала „Иван Хаџи Николов“ во Радишани.

Општина Кисела Вода:

– улица Ратко Митровиќ, до Спортската сала,

– раскрсница на улиците Христо Татарчев и Дебарска, кај „Гет кафе“,

– Парк Пушкин.

Општина Центар:

– спроти „Вучко“, на аголот на улиците Костурски херои и Борка Талевски,

– кај кружен тек во Дебар маало на улица Наум Наумовски Борче,

– кај Зелен пазар, на паркингот зад „Макпетрол“, до подземните контејнери.

Општина Карпош:

– улица Брадфордска, во близина на ресторанот „Македонска куќа“, во Козле,

– улица Женевска, кај автобуската постојка на последна 24-ка, во Тафталиџе 2,

– улица Ванчо Мицков бр.50, кај постојните контејнери на ЈП „Комунална хигиена“.

Општина Ѓорче Петров:

– улица Даме Груев, десно кај Ромското маало,

– населба Хром, улица Воин Драшковиќ, до спортското игралиште,

– населба Дексион, кај автобуската постојка на последна 5-ка.

Општина Сарај:

– на патот за Грчец, кај „Халк банка“,

– село Кондово, кај фурната.