Бизнис
23. August 2017 - 10:40

Почна бербата на сливите во Пијанец

Почна бербата на сливите во Пијанец од која се очекува род од околу 250 тони, што е пет отсто од вообичаениот род на сини сливи во Пијанец.

Според агрономот Мирко Гоцевски од комбинатот Рудине ММ, годинава е катастрофална за овоштарите од регионот, пред сѐ поради пролетниот мраз, но и сушата која го десеткува родот.

- Комбинатот Рудине ММ ја почна бербата. Под сливи имаме 80 хектари и наместо очекуваните илјада тони род, годинава ќе се наберат околу 70 тони. Причина за тоа имаат најмногу пролетните мразеви, но морам да потенцирам дека годината беше исклучително лоша, ако на тоа се додаде и минатогодишниот пролетен мраз. Годината започна со поларни температури кои кај нас се движеа од 20 до 30 степени под нулата при што голем дел од родните пупки тогаш беа уништени, рече Гоцевски.

Во периодот на цутење и формирање на плодот, појасни, ги фати мраз на 26 април и дојде до оштетување на формираниот плод и до измрзнување.

Според него, големо влијание има и сушата, пред време доаѓа и до опаѓање на лисната маса и затоа приносите од година до година се намалуваат.

Недостигот на сливи во регионот ја зголеми и откупната цена на сините сливи која се движи од 25 до 30 денари, цена што е скоро тројно повисока од минатогодишната.

Овоштарот Славе Гоцевски, кој е најголем овоштар во Пијанец, од своите 130 декари со насади на сливи, вели дека годинава нема да набере ништо.

- Очекував род оваа година околу 200 тона, но мразот се уништи, а тоа што остана градот го доуништи. Штетите ги бројам со 10 илјади евра, само што сум инвестирал во препарати, ѓубре, орање и слично. Ако на тоа ставам дека годинава ќе сум заработел 50 илјади евра, според сегашната цена, навистина се големи загубите. Апелирам државата да исплати барем одреден процент од штетите за кои е веќе направена проценка. Тие средства ќе ни бидат потребни за да можеме да ги подготвиме насадите за наредната година, бидејќи ова е втора година по ред која ни го уништува родот . Истото се случи и минатата година и тогаш мраз во април ни го преполови родот, рече Гоцевски.

Од ПЕ на МЗШВ Делчево истакнуваат дека штетите од пролетните мразеви на сливите во Пијанец се движат од 90-95 отсто, а проценети се штети од околу два милиони евра. Во регионот годишно се добиваат околу пет илјади тони, но годинава се очекува род од пет отсто или околу 250 тони сини сливи.