Живот
9. October 2015 - 15:18

Почна аплицирањето на Лотаријата на САД за иселенички визи за 2017 година

Од 1-ви овој месец започна периодот на пријавување за учество во програмата на Лотаријата на САД за иселенички визи (Зелена карта) за 2017 што ќе заврши во вторник на 3 ноември 2015 година во 18 часот, информира Американската амбасада во Македонија.

Оттаму ги потсетуваат заинтересираните дека пријавите се прифаќаат само преку интернет страницата www.dvlottery.state.gov каде ги има сите неопходни инструкции.

- Пријавување преку пошта не се прифаќа, а воедно пријавувањето не се наплаќа. Кандидатите не треба да испраќаат пари или, пак, да плаќаат однапред на трети лица кои им ветуваат дека ќе им помагаат при пријавувањето за виза, потенцираат од Амбасадата на САД.

Кандидатите, додаваат, треба сами да ги внесат своите информации на www.dvlottery.state.gov и да не се потпираат на други луѓе или агенции.

- Агенциите можат да згрешат, да остават нецелосни информации или да поднесат двојни апликации. Сите овие фактори можат да доведат до дисквалификување на барателот, дури и ако е избран како добитник на лотаријата. Затоа е важно подносителот на барањето сам да ги внесе своите информации и да ги следи сите инструкции, прецизираат од Амбасадата на САД.

Појаснуваат дека сите кандидати веднаш откако ќе го поднесат барањето добиваат електронска потврдна страница.

- Од особена важност е кандидатите да го зачуваат својот единствен број од потврдната страница, барем до 30 септември 2017 година. Единствено со овој број може да се провери дали кандидатот е извлечен, а истиот ќе послужи и за добивање натамошни информации и закажување термин во Амбасадата. Единствениот потврден број помага и за заштита на учесниците од измама, злоупотрба или при проблеми со поштата, нагласуваат од Амбасадата.

Познато е, посочуваат, дека постојат нечесни посредници за визи кои наводно сакаат да им помогнат на кандидатите, а потоа ја задржуваат потврдната страница и бараат повеќе пари во замена за информации. Кандидатите можат да го избегнат ова со лично зачувување на својот број за време на аплицирањето.