Македонија
8. July 2016 - 8:37

Почна 55. Балкански фестивал на народни песни и игри

Ансамбли и културно-уметнички друштва од Македонија, Турција, Австралија, Бугарија и Црна Гора од сцената на Долни Сарај преку игри и песни ќе ги презентираат, јазикот, културата и традицијата на 55. Балкански фестивал на народни песни и игри што почна синоќа во Охрид.

Првата фестивалска вечер традиционално почна со настап на Ансамблот за народни песни и игри на Македонија „Танец“, кои се претставија со сплет од народни песни и игри „Солунка“, „Тресеница“, „Драчевка“, „Пијанец“... 

Покровител на манифестацијата е претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, кој на отворањето посочи дека преку овој фестивал македонскиот фолклор и песна го претставуваме, како дома, така и во регионот, но и многу пошироко - на  сите меридијани на светот.

- Ако ја погледнеме нашата историја, веднаш се гледа дека токму народната песна и игри биле еден од столбовите врз кои сме граделе и сме го зачувале и развиле нашиот национален идентитет. Токму затоа сите ние имаме обврска нашите песни и игри, односно тоа немерливо фолклорно богатство да го чуваме, надоградуваме и успешно да го пренесуваме на генерциите кои доаѓаат, нагласи Вељаноски.

Богатството што во себе го носи македонската народна музика и фолклорот, додаде, се надополнува и со песната и фолколорот на припадниците на другите етнички заедници кои со векови живеат овде.

Овде, како што подвлече директорот на Центарот за култура „Григор Прличев“ Горан Стојаноски, се преплетуваат културните мемории од сите земји во светот и комуницираат преку спецификите на мелосот, разиграната шареноликост на везот и фолклорниот детаљ.

- Сите тие ја прават оваа манифестација мегдан за автентично разбирање меѓу народите на еден нетипичен, но толку разбирлив јазик, јазикот на телото, костимот, музичкиот такт... Нека континуитетот на негување на традициите и културното наследство не донесе на поголеми јуиблеи кои заедно ќе ги славиме и уживаме во нив, рече Стојаноски.

Балканскиот фестивал на народни песни и игри, според претседателката на Советот на Општина Охрид, Гордана Коњаноска, е нашиот вечен трезор во кој грижливо се чуваат богатсвото на песнопојната и играорна традиција, не само на македонскиот, туку и на многу други народи.

-   Тие фолклорни реткости со генерации се пренесувале од колено на колено, се преплетувале и правеле вистински филиграни кои им одолевале и одолеваат на сите притисоци на современото живеење, истакна Коњаноска.

Вечер ќе настапат ансамблите „Александар Македонски“ од  Мелбурн и  „Гоце Делчев“ од Битола, како и КУД „Дримкол“ од Вевчани. На фестивалската програма во сабота се ансамблите „Китка“ од Истибања и „Македонски бисери“ од Австралија и фолклорниот Ансамбл од Турција. На затворањето на фестивалот, во недела, ќе настапат ансамблите  „Пловдив“  од Бугарија, „Искра“ од Црна Гора и КУД „Отексфолк“ од Охрид.