Македонија
15. September 2019 - 17:49

Почна 34. издание на „Истибањско здравоживо 2019“

Со претставување на фолклорните ансамбли од Европа, Азија и Америка, во виничкото село Истибања почна Меѓународниот фестивал „Истибањско Здравоживо 2019“.

Како што информираше Стојко Митковски, раководител на фолклорниот ансамбл „Китка“ кој е организатор на настанот, фестивалот годинава ќе трае пет дена, а ќе заврши во среда, со концерт на плоштадот „Ангел Винички“ во Виница.

-Фестивалот е во организација на ансамблот „Китка“ од Истибања. Имаме учесници од три континенти, од Азија, Европа и од Америка. Фестивалот беше отворен со традиционалното дефиле, потоа следува зажневањето на ориз, во вторник имаме фолклорен караван во Македонска Каменица, а на официјалното затворање ќе се одржи заеднички концерт на групите учеснички, истакна Митковски.

Меѓу учесниците на „Истибањско Здравоживо 2019“ се најдоа и учесници од Израел и Украина, кои настапија со танци од својот крај.

- Доаѓаме од Украина, од мало место Славута. Групата се вика Перлинка, постоиме 22 години, а ќе се претставиме со танци и игри од нашиот регион, рекоа гостите од Украина.

Свој настап на фестивалот имаа и претставници од Соединетите Американски Држави, кои како што информираше Беки Колтер, раководител на групата, првпат гостуваат во село Истибања.

„Истибањско Здравоживо“ годинава се одржува 34. пат и финансиски е поддржан од Општина Виница.