Македонија
24. December 2018 - 16:27

Почина Ристо Палигора конзерватор во Битолскиот музеј

Во Битола денеска почина Ристо Палигора (57 г.) истакнат и во јавноста познат историчар на уметноста и конзерватор од Битолскиот музеј.

Ристо Палигора беше несебичен соработник со новинарите, а најчесто истражуваше и пишуваше за македонските цркви и манастири, за зографите и иконите. Во последното интервју за МИА, Палигора говореше за деветте цркви и ретките икони во селото Велушина. Неговата професионална кариера заврши со неговото последно авторско дело, монографијата за влашката црква „Св. Константин и Елена“, промовирана пред еден месец во овој град.

Ристо Палигора беше активен член, а во еден мандатен период и претседател на Комуната на Власите „Браќа Манаки“ во Битола.

Погребот на Ристо Палигора ќе биде извршен утре на Светонеделските гробишта во Битола.